Се брише функцијата уметнички директор во културата


До крајот на годинава треба да биде донесен закон за остварување на јавниот интерес во културата кој, според ресорното министерство, е вториот најважен документ по усвојувањето на Националната стратегија за развој на културата 2018-2022.

– Стариот Закон за културата наполни дваесет години и досега беше менуван 16 пати. Културната јавност многупати констатираше дека тој е веќе анахрон и не ги одразува новите барања во нормирањето на културата во Република Македонија. Дури, во извесна мера, тој закон се покажа ретрограден во однос на некои решенија и спротивен на заложбите и барањата на културната јавност, рече министерот за култура Асаф Адеми на отворањето на првата јавна дебата за Предлог-законот на која присуствуваа претставници на установи од културата.

Посочи дека во предлогот се вградени некои сугестии што ги добиле додека текстот на предложениот закон беше поставен на веб-страницата на Министерството за култура. Ги повика учесниците да му пристапат сериозно на предложениот закон со кој се поврзани и планираните реформи што произлегуваат од усвоената Стратегија.

Адеми нагласи дека со новиот закон ќе се воспостави нормативната рамка што ќе обезбеди стимулирање, помагање и унапредување на културата во државата и дека се добредојдени сите предлози од културните работници и установи. Ги повика да бидат поангажирани во процесот на креаирање на законот.

Златко Теодосиевски, координатор за законот  и посебен советник на министерот за култура, ги соопшти најважните новини. Меѓу нив е укинување на функцијата уметнички директор, наместо кој се предлага програмски совет како управувачко тело во националните установи од културата.

– Уметнички директор е нешто што не профункционира во изминативе години, за што имаше многу забелешки од институциите и од директорите. Така што, мислевме дека ова ќе биде некоја замена или учество во конципирањето на програмата од советодавно тело на директорот, изјави Теодосиевски.

Исто така, рече тој, се предлага и проширување на опфатот на категоријата самостоен уметник со вклучување на сите културни работници кои ќе добијат можност самите да се регистрираат како самостојни уметници или самостојни културни работници. Бидејќи заработуваат од својот труд и тие, како и самостојните уметници, ќе имаат право на привилегиите од Министерството за култура за плаќање пензиско и здравствено осигурување.

Со законот се предвидуваат реформи во финансирањето, пред се во самото Министерство за култура, преку новини во начинот на организирање на годишните конкурси, во одлучувањето и во сите други сегменти кои се битни за финансирање на културата. Новини има и во работата на националните установи, во определување на надлежностите на управните одбори итн.

Денешната беше прва јавна дебата, а ќе ги има толку колку што ќе има интерес и потреба, велат од Министерството за култура. Министерот Адеми очекува законот да биде изгласан во Собранието најдоцна до крајот на годината. Според акцискиот план на работната група, донесувањето на законот се планира во октомври но, како што рече Адеми, можно е заинтересираноста за  нови јавни дебати да го пролонгира тој рок.