Се бара консензуално решение за амандманите за јазиците


Амандманска расправа за Законот за употреба на јазиците не е решение за деблокада на парламентот, смета спикерот Талат Џафери. Тој очекува во денови да се најде решение за близу 36 илјади амандмани поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Комуницирам со претставници на пратеничките групи вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека сме блиску до решение, рече Џафери на денешната средба со новинарите во Собранието.

Целта, како што наведе, е да се избегне блокада на парламентот. Џафери посочи дека тој нема да дозволи процедурално да се случи блокада во законодавниот дом.

На прашање дали е решение да се расправа за амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, Џафери оцени дека тоа би значело парализа на работата на Собранието.

За Законот за јазици се разговарало и на средбите со тројцата европратеници Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан, кои се иницијатори на разговорите во рамки на „Жан Моне“ процесот, а кои во понеделникот учествуваа на интерпарламентарна конференција во македонското Собрание.

Првата средба меѓу претставници на парламентарните партии, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, се очкеува да се одржи на 15 март. Но, ако не се обезбеди присуство на еврокомесарот Јоханес Хан и на експерти, разговорите би можеле да бидат одложени за мај.

Џафери смета дека наскоро опозицијата би можела да се вклучи повторно во работата на Собранието.