СЕХА: Рутинска победа на Вардар на гостувањето во Панчево
Ракометарите на Вардар стигнаа до нова победа во регионалната СЕХА лига откако славеа на гостувањето кај Динамо Панчево со 27:23 (13:9). За избраниците на Раул Гонзалез ова беше 15 победа, со што само ја потврди доминацијата и ја продолжи серијата без пораз во досегашниот тек од регионалното натпреварување.
Вардар доминираше во текот на целиот меч, иако очигледно не играше со полни сили, а клучната разлика ја направи на стартот на второто полувреме, кога стигнаа до осум гола предност 20:12. Гонзалес одмори дел од првотимците, но и комбинираниот тим успеа да се справи со еден од најслабите тимови оваа сезона во СЕХА.
Мартин Поповски со 6 погодоци беше најефикасен кај Вардар, 5 постигна Даинис Криштопанс, додека Хорхе Македа реализираше 4 погодоци.
Вардар има 46 бода, додека Динамо остана на претпоследната деветта позиција на табелата со само осум освоени бода во регионалната лигата. „Црвено-црните“ во наредното коло од СЕХА се домаќини на Нексе (13-ти март).