Сенатот на САД гласаше за укинување на вонредната состојба


Американскиот Сенат денеска усвои Резолуција за укинување на одлуката претседателот на САД, Доналд Трамп за воведување вонредна состојба во земјата поради ситуацијата на границата со Мексико.

Резолуцијата беше усвоена со 59 гласови „за“ и 41 „против’. Покрај сите сенатори демократи, за Резолуцијата гласаа и 12 републикански членови на Сенатот.

Сепак, демократите не успеаја да обезбедат двотретинско мнозинство во Сенатот, со што би се оневозможило Трамп да стави вето на Резолуција.

Резолуцијата претходно беше усвоена и од Претставничкиот дом на Конгресот, по што Трамп најави дека ќе стави вето на документот.

Доколку Трамп ја спроведе ваквата најава, тоа ќе биде негово прво вето на некоја одлука на Конгресот, откако стапи на должноста во јануари 2017 година.

Трамп прогласи вонредна состојба со цел да може без одобрение на Конгресот да издвои неколку милијарди долари од буџетските средства за изградба на ѕид на американско-мексиканската граница за спречување на илегалната миграција, што беше едно од неговите главни ветувања во текот на изборната кампања во 2016 година.