Сенаторка од Њујорк побара оставка од Трамп поради сексуално малтретирање


Американската сенаторка Кирстен Џилибренд, која ја претставува државата Њујорк и е од редовите на Демократската партија, вчера го повика претседателот Доналд Трамп да поднесе оставка поради обвинувањата на жени кои тврдат дека тој сексуално ги малтретирал во минатото.

– Овие жени тврдат дека претседателот Трамп ги нападнал и се работи за навистина сериозни обвинувања за несоодветно однесување и постапување за кои треба кривично да се одговара. Потребна е истрага и потребно е претседателот да поднесе оставка –  изјави Џилибренд.

За време на претседателската кампања, Трамп беше соочен со аудио снимка на која му се фали на телевизиски водител дека жените му дозволуваат да прави што сака со нив поради тоа што е ѕвезда. Неколку жени излегоа со обвинувања до Трамп, при што едната тврди дека тој ја допирал и бакнувал за време на авионски лет во 70-ите години, другата тврди дека Трамп со сила ја бакнал додека работела како рецепционерка во негова компанија во Њујорк, а според третата, Трамп влегол во соблекувалната на изборот на Мис на Универзумот.

Портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс изјави дека овие обвинувања се лажни, и дека гласачите имале можност да се изјаснат за нив на изборите минатиот ноември.

Сенаторката Џилибренд неодамна ги изненади членовите на својата Демократска партија кога упати критика до поранешниот претседател Бил Клинтон, велејќи дека тој требало да поднесе оставка кога беше обвинет за слично сексуално малтретирање, но и силување на жени, за време на неговиот претседателски мандат. Џилибренд беше критикувана поради оваа изјава бидејќи до скоро имала заеднички политички настапи со Бил и Хилари Клинтон. Таа го има местото во Сенатот, кое до 2009 година го држеше Хилари Клинтон.

Републиканската партија ги обвини демократите за неискреност во пристапот кон случаите на сексуално малтретирање, бидејќи опозициската партија го бранеше претседателот Клинтон за време на постапката за импичмент во 1998 година, а сега бара од републиканците да им се придружат во повиците за оставка до претседателот Трамп. Демократите неодамна го принудија сенаторот од Минесота и поранешен комичар Ал Франкен да најави оставка откако беше обвинет за сексуално малтретирање на повеќе жени, а за возврат демократите бараат од републиканците да се откажат од кандидатурата на судијата Рој Мур на испразнетоо место сенатор од Алабама, откако и Мур се соочи со обвинувања дека малтретирал малолетни девојки