Семејно – пријателски врски ја тресат обвинителската фела


Непотизам и судир на интереси го тресат Советот на јавни обвинители, како институција која е надлежна за именување на обвинителите во основните обвинителства низ земјава. На ова укажа вчера американскиот амбасадор Џес Бејли, како говорник на Итерпарламентарната конференција во македонското Собрание.
Бејли, кој пред неколку месеци го отвори скандалот со високите надоместоци на ДИК, сега упати јавна критика до Советот на јавни обвинители по информациите дека претседателот на оваа институција учествувал во одлуката за назначување на својата внука за обвинителка во „организиран криминал“.
Како што рече Бејли, во Советот за јавни обвинители има конфликт на интереси и, доколку некои медиуми не биле охрабрени да пишуваат за ова, јавноста немаше да дознае.

– Ми се чини дека тука станува збор за една ситуација на судир на интереси. Никој точно не знае што точно се случи во таа ситуација. Јавноста и професионалците изгубија уште неколку грама доверба во системот. Неколкумина новинари ја обработија оваа приказна и доаѓаме до моментот дека храбрите медиуми и граѓанското општество имаат важна улога во владеење на правото – рече Бејли говорејќи на сесијата за владеење на правото.
Амбасадорот посочи дека граѓаните треба да бараат отчетност, транспарентност и информирање од страна на институциите.
– Тоа значи дека граѓаните треба да одбијат да го свртат погледот на другата страна кога ќе се соочат со прекршување на законите или со корупција, а тоа значи дека не треба да се прифаќаат работите онакви какви што се, особено доколку сте соочени со непотизам и лични појави – рече Бејли.
Судовите во Македонија, смета тој, треба да внимаваат на транспарентноста, бидејќи многу често важни судски случаи се обвиткани со некој, како што рече, вел на мистерија и не е ни чудно што граѓаните не им веруваат.

Владеењето на правото, рече амбасадор Бејли, е еден од најголемите предизвици со кои се соочува земјата, а многу често земјите стануваат ранливи на корупција и криминал поради недостиг на владеење на правото.
Во последните неколку седмици дел од медиумите посочија на неколку случаи на судир на интереси во Советот на обвинители. Првиот случај се однесува на изборот на Марија Ѓоргова за обвинителка во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал. Иако претседателот на Советот на обвинители Коле Штерјов ѝ е тетин на Ѓоргова, и тој учествувал во носењето на одлуката за нејзин избор. Штерјов, наводно, гласал „воздржано“, ама, сепак, помогнал да се обезбеди потребниот кворум, во ситуација кога Советот работеше со тројца членови помалку. Инаку, според информациите што ги пренесоа дел од медиумите, Ѓоргова е една од двете обвинителки кои, под недоразјаснети околности, добија отказ од специјалното јавно обвинителство, односно од Катица Јанева. Според коментарите во обвинтелската фела, за отпуштањето на Ѓоргова од СЈО, наводно, не била поведена никаква внатрешна постапка за преиспитување на случајот, туку тој бил забошотен од Советот на обвинители, а таа била прераспределена во скопското Јавно обвинителство, од каде што неодамна е унапредена во „организиран криминал“.

Тогаш, беше одобрен „трансфер“ од скопското основно обвинителство во „организиран криминал“ и за обвинителките Ивана Трајчева, Енгелуше Кариу Леши и Валентина Билсимовска: Затоа, пак, иако се јавила на конкурсот, за обвинителка за организиран криминал не беше избрана искусната Лидија Раичевиќ, инаку доктор по правни науки, која беше и кандидат за државен јавен обвинител, на местото на Марко Зврлевски. Таа, меѓу другото, го водеше предметот „Ровер“ за Љубе Бошкоски, а во изминатиот период настапуваше со критики за Советот на јавните обвинители. Во овој случај, како спорно се спомнуваше тоа што во гласањето „против“ во Советот на јавни обвинители учествувала една од членките чиј сопруг бил првообвинет во предмет што го водела Раичевиќ.

Советот на јавни обвинители, во периодот пред смената на кормилото на извршната власт, беше во постојан конфликт со специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано со меѓународна интервенција, особено од страна на САД, а со цел да ги истражи случаите што произлегуваат од аферата со прислушувањето. Тој судир особено се чувствуваше во периодот кога на чело на Советот беше Петар Аневски. Сепак, токму од редовите на Советот беше избран новиот шеф на државното обвинителство – Љубомир Јовески. Само Јовески и уште една кандидатка од вкупно дваесетина што се јавија на конкурсот за главен обвинител добија преодна оценка од Советот на обвинители, кој сега главно функционира во истиот состав како и тогаш кога беше во кавга со СЈО. Единствено, обвинителот Ацо Колевски беше пред неколку дена избран на местото на Јовески, додека сѐ уште се празни местата на Зоран Сулејманов, кој замина во пензија и на Сашо Василевски, кој беше избран за директор во МЕПСО. Тие места треба да се пополнат по предлог на собраниската Комисија за избори и именувања, а кандидати се адвокатите Ангел Солев (поранешен судија) и Ангеле Илиевски (кој го застапуваше Зоран Верушевски во случајот „Пуч“).

Александра М. Митевска