Селмани – Џолев: Подобри услови за новинарите што известуваат од судски рочишта


За подобрување на условите на новинарите што известуваат од судски рочишта и на меѓусебната соработка разговараа денеска претставници на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и претседателот на Кривичниот суд во Скопје Иван Џолев.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани ја поздравил новата пракса на претседателот Џолев за транспарентност на институцијата.

– Сугериравме на институциите да одржуваат редовни брифинзи со новинарите бидејќи така се зголемува транспарентноста на институцијата и се намалува можноста за објавување непроверени информации, истакнал Селмани.

На средбата, како што соопшти ЗНМ, се разговарало и за конкретни судски постапки што се водат против новинари. Селмани побарал судиите да ја применат праксата на Европскиот суд за човекови права, кога одлучуваат за предмети против новинари.

ЗНМ и претседателот на Кривичниот суд изразиле подготвеност да организираат заеднички активности и обуки со цел да се олесни пристапот на новинарите во судот и да се подобри квалитетот на известувањето.

Џолев рекол и дека Кривичниот суд е отворен да соработува со ЗНМ со цел да се зголеми транспарентноста и да се подобри пристапот на новинарите во судот.