„Секјуриком“: Ниту еднаш не сме ја злоупотребиле својата позиција


Групацијата „Секјуриком“ ги оценува како неосновани обвинувањата дека влијаеле за некој тендер и дека злоупотребиле положба со што би стекнале противправна имотна корист.

– Сите договори со клиентите и добиени тендери од државни институции се законски добиени, согласно законските прописи. Сите наши договори биле јавно достапни. Она кое е важно да се напомене е дека сумата која се споменува во јавноста е за период од три години, и од неа биле исплаќани плати и придонеси за 500 лица кои работеле за потребите на службата, соопшти „Секјуриком“  во допис до медиумите.

Во реакцијата наведува дека 18 години е лидер во своето работење и дека како компанија, која е странска инвестиција, директно влијае врз македонската економија вработувајќи повеќе од 1400 лица.

– Максимално сме посветени за своите клиенти, правни и физички лица, како и државни институции и постојано работиме на зголемување на услугите кои ги нудиме, овозможувајќи сигурност, безбедност и комфор кај секој од нив со нашето работење. „Секјуриком“ е компанија која работела и ќе работи по законите и ниту еднаш не ја злоупотребила својата позиција. Нашата работа е транспарентна и сите договори биле јавно достапни и секогаш сме биле отворени за комуникација за секое прашање и информација, соопшти  „Секјуриком“.