Сексуалните скандали од Холивуд се префрлуваат во политиката, обвинет Џон Конјерс


Осумдесет и осумгодишниот конгресмен Џон Конјерс, легендарна фигура на американските демократи и најстариот член на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, со години извршувал сексуално малтретирање над свои соработнички, oбјави порталот „Бузфид“.

Конјерс е претставник на Детроит во Долниот дом на Конгресот од 1965 година. Според „Бузфид“, во 2015 година тој и платил 27.000 долари на својата поранешна парламентарна соработничка, која го обвинила дека ја отпуштил зашто ги отфрлила неговите сексуални предлози. За возврат, жената потпишала договор за доверливост.

Порталот не го открива нејзиното име.

„Бузфид“ дошол до декларации под заклетва на поранешни соработници и соработнички на Џон Конјерс, потпишани во 2014 година, во кои тие опишуваат како тој нудел сексуални предлози на жените кои работеле за него, и дури си дозволувал да ги допира.

Според сведоштвата, конгресменот често барал од една од нив да спијат во иста хотелска соба, кога оделе на службено патување. Тој, исто така, имал обичај во неговото парламентарно биро да носи љубовници.

Без да го именува Конјерс, претседателот на Претставничкиот дом – републиканецот Пол Рајан – ги оцени откритијата како крајно вознемирувачки. Тој повтори дека се во тек реформи за спречување на сексуални напади во Конгресот и за подобрување на внатрешниот систем, давајќи им можност на вработените да пријават слични дела.

Сегашната процедура е долга и наметнува доверливост на страните.

Конјерс вели дека не склучувал договори за сексуално вознемирување со ниту еден член од неговиот тим.