Секаде се бара анестезиолог повеќе


Во болниците низ државата има за 30 отсто помалку анестезиолози отколку што е предвидено според систематизациите на работни места, велат лекари што работат на клиниките.

На Клиниката за гинекологија работат 11, а треба да се 17 анестезиолози. Последниот бил вработен во 2004 година. Оттогаш немаат примено ни анестезиолог на специјализација. Со овој специфичен кадар кубурат и останатите клиники. Има градови, како Гевгелија, каде што воопшто нема анестезиолог.

Смртта на родилката од Кичево во приватната болница „Санте плус“ повторно го актуализира стариот проблем со недостиг на овој кадар. Андријан Картaлов, претседател на Здружението на анестезиолози, вели дека во моментов се покриваат потребите.

– Проценките се дека располагаме со бројка од 206 анестезиолози на ниво на држава. Таа бројка е променлива, некои одат во приватно здравство, други оттаму се враќаат во јавно здравство, трети заминуваат… Во моментов има околу 80 специјализанти. Очекуваме тие да ги завршат специјализациите за една до две години и тој јаз да се пополни – вели Карталов.

Најголем број анестезии се прават на КАРИЛ. Минатата година на оваа клиника се направени 10.979 анестезии, од кои 7.800 биле претходно закажани, а 2.300 биле за итни пациенти.

– Секаде во светот, па и во најразвиените земји, се бара анестезиолог повеќе. Ние имаме квалитетни кадри кои работат во Германија, Данска, Канада, Кувајт… Нема место за сомнеж ни во анестетиците, оти тие поминуваат низ тендерски комисии и се запазени сите процедури – вели Карталов.
Сепак, прашање е колку од специјализантите по анестезија ќе останат да работат во Македонија, оти повеќето бараат работа надвор од нашите граници. Тие некогаш имаат и по 8-10 операции на едно дежурство. Специјализантите не добиваат плати, немаат придонеси ниту им се плаќаат 24-часовни дежурства, минимум по четири месечно. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека се обезбедени пари за вработување на 348 приватни специјализанти, кои ќе земаат плата во висина на минималната плата гарантирана за општ лекар.

Во јануари годинава Медицинскиот факултет во Скопје распиша јавен оглас за пријавување кандидати за специјализации и супспецијализации за 2018 година. Според објавата на веб-страницата на Медицинскиот факултет, станува збор за 104 приватни специјализации и осум супспецијализации. Во вкупната бројка има предвидено специјализации за четворица абдоминални хирурзи, исто толкав број анестезиолози и гинеколози, петмина интернисти, тројца кардиолози, инфектолози и трауматолози и шест нефролози.
С.С.З.