Седум пратеници плус – за две места во Владата


Привршуваат разговорите за проширување на парламентарното мнозинство и за реконструкција на Владата. Ова го потврди вчера премиерот Зоран Заев, информирајќи дека во понеделникот имал средби со раководството на Беса, со крилото предводено од Африм Гаши и со ДПА, како и дека консултациите продолжуваат.

– Сите ги очекуваат предлозите кои произлегуваат од мене како премиер. Според тоа, потоа ќе се изјаснат и политичките партии. Ако успееме да ги номинираме предлозите за преземање одговорност во одредени ресори, јавни и државни институции, на политичките партии ќе им требаат неколку денови да донесат одлуки ва своите тела. Се надевам дека, ако не со сите партии, со дел од нив ќе успееме да се договориме, рече Зеав.
Тој вели дека нема опструкции од коалициските партнери околу проширувањето на мнозинството.

Ако двете крила на Беса и ДПА се приклучат кон владејачката коалиција, парламентарното мнозинство би добило седум пратеници плус, односно по двајца од ДПА и од крилото на Билал Касами и тројца од таборот на Гаши. Но, во таков случај, Алијансата за Албанците – со двајца пратеници, би останала единствен опозициски субјект во албанскиот блок во парламентот.
Се очекува проширувањето на мнозинството да повлече одредени поместувања во владиниот кабинет, иако Заев, за време на викендот, посочи дека реконструкцијата може да биде симболична.

Потенцијалните нови партнери во Владата, според информациите, се надеваат на министерски места, што особено важи за двете крила на Беса. Сепак, можно е на дел од нив да им бидат понудени само директорски функции, со оглед на тоа што се проценува дека „проветрувањето“ во поголем дел ќе го зафати третиот ешалон.

Неофицијално, министерска функција би требало да добие крилото на Гаши, со оглед на тоа што има тројца пратеници, колку што имаше и Алијансата за Албанците кога влезе во Владата со министер за здравство. Сепак, засега како единствено слободно се спомнува министерското место без ресор што е испразнето по изборот на Рамиз Мерко од ДУИ за градоначалник на Струга. Затоа, пак, некој од новите коалициски партнери би можел да го добие заменик-министерското место во транспорт и врски, кое сѐ уште го предводи кадар на Алијансата, односно Ремзи Мемети, чија оставка не е констатирана досега во парламентот. Алијансата има сѐ уште заменик и во Министерството за надворешни работи – Арта Точи. Но, последните информации се дека ова место ќе го преземе СДСМ, така што за заменик-министер за надворешни работи би бил номиниран поранешниот градоначалник на Центар Андреј Жерновски.

СДСМ и ДУИ треба да постигнат договор и околу министерското место во „правда“, по оставката на Билен Саљији, која не е констатирана исто така. Доколку се реализира можната ротација на Рената Тренеска Дескоска во „правда“, тогаш ДУИ би требала да предложи ново решение за министер за образование. (А.М.М.)