Северна Кореја главна тема на билатералните средби на АПЕК


Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва и Пекинг делат слични ставови за севернокорејскиот проблем односно дека сите страни треба да ги намалат тензиите и да седнат на преговарачка маса.

– Што се однесува до надворешните работи, како што би рекле дипломатите, Русија и Кина делат многу слични ставови кој би можеле дабидат исти кога се работи за клучните проблеми. Еден од нив е Северна Кореја. Сметаме дека тоа е проблем и не го признаваме нуклеарниот статус на Северна Кореја. Во исто време ги повикуваме страните во конфликтот да ги намалат тензиите и да изнајдат сили да седнат на преговарачка маса, посочи Путин на Самитот на Организацијата на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).

Тој додаде дека не постои друго решение за тој проблем, нагласувајќи оти Русија и Кина понудиле патоказ за решавање на проблемите, во кој се опишани сите чекори што треба да бидат преземени.

Рускиот претседател укажа и на охрабрувачките сигнали од некои држави, кои се поврзани за нивниот став кон севернокорејскиот проблем.

– Како што можевте да слушнете, постојат охрабрувачки сигнали, вклучително и од САД и од Јужна Кореја, дека секој може да разбере дека не постои алтернатива на мирното решање на проблемот, посочи Путин.

Северна Кореја беше тема и на средбите на кинескиот претседател Си Џинпинг со јужнокорејскиот колега Мун Џае-ин и со јапонскиот премиер Шинѕо Абе.

Си, на средбата со Мун на маргините на АПЕК, истакна дека го охрабрува Сеул да го продолжи дијалогот со Северна Кореја.

Кинескиот претседател и јапонскиот премиер го поздравија „свежиот почеток“ на односите меѓу нивните земји и се согласија да ја интензивираат соработка за севернокорејското прашање и да одржат трилатерален самит со Јужна Кореја, што е можно побрзо.