Северина и Влатко Стефановски на „Пастрамајлијада“ во Штип


При крај се подготовките за традиционалната штипска „Пастрамајлијада“ што и оваа година ќе се одржи на 21, 22 и 23 септември.

Како што информира на прес-конференцијата Кирил Панајотов од Општина Штип, на манифестацијата ќе настапат Влатко Стефановски, групата Ван Гог, Северина, Амадеус бенд и познати македонски пејачи.

– Во петок од 21 часот кога ќе биде пресечена џиновската пастрамајлија, музичкиот програмски дел го отвора Кристина Арнаудова-Петровски. По неа настапуваат Влатко Стефановски и Дани Димитровска, а на крајот, околу 23 часот, е белградската група Ван Гог. Втората вечер, во сабота, се отвора со двајца штипјани Зоран Илиев и Јоце Панов, а по нив настапува хрватската ѕвезда Северина. На 23 ти во недела вечерта ја отвора Либеро бенд. Следуваат настапи на Мирза Селимовиќ и Амаедус бенд, како завршна програмска група, рече Панајотов.

Според него, одржан е состанок со штипските угостители кои и оваа година се заинтересирани за поставување штандови, а Општината има поддршка и од бизнисмените.

Генерален покровител на „Пастрамајлијада“ е Скопска пивара.  Општина Штип од својот буџет за манифестацијата одвои 2.500.000 денари, останатиот дел ќе биде покриен од покровители и спонзори.

– Севкупно „Пастрамајлијадата“ очекуваме да чини, како и минатата година, околу 4.500.000 денари.  И оваа година ќе се одржи кај кружниот тек кај Градскиот стадион, локација која во изминатите неколку години се покажа како најдобра во делот на поставување на штандовите, но и од аспект за сообраќајот низ градот и паркинг местата, дополни Панајотов.