Сеад Кочан сепак ќе треба да оди во затвор?


Иако Апелацискиот суд ги намали затворските казни за обвинетите во случајот „Труст“, на обвинетиот Сеад Кочан од шест на четири години и осум месеци, а на обвинетиот Василије Авировиќ е условно осуден, сепак за Кочан почнуваат да течат роковите да оди на издржување на затворската казна.

Со одлуката на Апелација, пресудата станува правосилна, а во тек е изготвувањето на одлуката, но пресудата најпрвин треба да ја добие обвинетиот. Според процедурата, одлуката на Апелацискиот суд треба да биде испратена до Кривичниот суд каде треба да биде распоредена кај судија за извршување на санкции и судијата да му достави на Кочан упатен акт да се јави на издржување на казната затвро. Тој има право да бара и одложување на казната затвор.

Одбраната на Кочан се уште ја нема добиено одлуката на Апелацискиот суд и велат дека одлуката станува правосилна откако ќе ја примат странките и ќе истечат роковите.

„Апелацискиот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-1026/18, во јавноста познат како „Труст“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбите на обвинетите Сеад Кочан од Скопје и Василије Авировиќ од Скопје, делумно ги уважи на начин што ја преиначи првостепената одлука во делот на казната и обвинетиот Сеад Кочан го осуди на казна затвор во траење од четири години и осум месеци, а на обвинетиот Василије Авировиќ му е изречена алтернативна мерка условна осуда, така што му се утврдува казна затвор во траење од две години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот за време од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, велат од судот.

Кочан и Авировиќ во јули минатата година беа прогласени за виновни во судскиот процес „Труст“, за злоупотреба на јавна набавка. Судскиот процес траеше точно осум месеци и имаше повеќе од 20 рочишта. Кочан и Авировиќ, односно „Трансмет“ и „Силекс неметали“, според СЈО со лажни документи добиле тендер од ЕЛЕМ вреден 17,3 милиони евра.(Ф.Ф.С.)