СДСМ ќе ги намалува патните трошоци на пратениците


Пратеничката група на СДСМ денеска предложи измени на два закона со цел намалување на патните трошоци на пратениците и други избрани и именувани функционери за користење на сопствено возило во службени цели, како и отстранување на сите можности за евентуални злоупотреби. Предлогот е надоместокот што го добиваат пратениците од 30 проценти да се намали на 15 проценти од цената на литар гориво по изминат километар.

Во редовна процедура се предлагаат измени на законите за плата и надоместоци на избрани функционери и за пратеници, а подготвена е и Предлог-одлука.

– За таа цел е подготвена Предлог-одлука со која поконкокретно се регулира исплатата на надоместокот на патни трошоци, во која предлагаме висината на надометокот да се намали од 30 на 15 проценти, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

Во однос на отстранувањето на можностите за злоупотреби при исплатата на патните трошоци, пратениците од СДСМ предлагаат наплатата да се врши само врз основа на фискални сметки за платена патарина кои се платени со кредитна или дебитна картичка во сопственост на пратеникот.

– Односно преку т.н. слипови кои што ќе бидат доказ дека пратеникот лично платил патарина. Овие измени се исто така наведени во Предлог-одлуката кој што веќе е подготвена, рече Тунтев.

За овие предлози очекуваат подршка од сите пратенички групи во Собранието, вклучувајќи ја и опозоцијата. Но, доколку не се вклучат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во работата на Парламентот, сепак, тие ќе бидат проследени на комисии и на пленарна седница. Тунтев вели дека и има комуникацијата со Влатко Ѓорчев и ќе го праша за мислење.

Посочи дека предлозите на пратеничката група може да се тетираат и како краткорочно решение.