СДСМ: Мицкоски призна дека се залага за амнестија на криминалот


Тоа што Христијан Мицкоски денеска одби директно да одговори на новинарското прашање за референдумот всушност самиот потврди и призна дека единствено нешто за што се залага и го бара ВМРО-ДПМНЕ е амнестија за криминалот. Македонија му кажа збогум на криминалот и црното минато, сега чекори кон ЕУ и НАТО, а таму важат поинакви вредности и правила од оние за кои се залага ВМРО-ДПМНЕ се вели во соопштението на СДСМ.
„Сите политички чинители кои се за македонската иднина се одлучни и обединети, освен Мицкоски и тесното партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ кои сакаат назад во темното минато на криминал, насилство и неказнивост. На Мицкоски веќе треба да му е јасно дека амнестија за криминалците нема да има, секој ќе одговара согласно законите. Без разлика на неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на Македонија, на 30 септември, ќе ја искористат историската шанса за напредок. Ќе ја реализираат патриотската заложба на многу генерации, Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО со зачуван и зајакнат македонски идентитет. Никој нема да ја закочи македонската иднина“, се наведува во соопштението на СДСМ.