СДСМ и МРТ – нетрпеливост без крај


Речиси една и пол година по смената на власта, во МРТ владее истото раководство што СДСМ додека беше во опозиција го обвинуваше за пристрасност и необјективност и бараше негова смена. Сега, СДСМ, од позиција на владејачка партија, бара оставки од програмскиот совет, директорите и уредниците во јавниот сервис, а најнов повод за тоа е отворената програма од одбележувањето на Илинден, вклучително со преносот од Мечкин Камен, каде што се случи инцидент за време на говорот на претседателот Ѓорге Иванов. СДСМ обвинува дека МТВ ги довела во прашање стратегиските интереси на земјата, а од јавниот сервис одговараат дека ваквите критики ги сметаат за притисок.
Една од главните причини за реакцијата на СДСМ, според информациите, е отвореното студио на МТВ, каде што како гости биле поканети историчарите Михајло Миновски и Наташа Котлар. Нивните настапи во СДСМ се оценуваат како изразено неизбалансирани и ултраопозициски, со тоа што, како што се пренесува, дури и биле искажани тези дека членството на Македонија во НАТО и во ЕУ не е државен, туку е партиски интерес. Професорката Котлар, како што пренесуваат дел од медиумите, реагирала и на критиката на СДСМ во однос на програмата за Илинден.
– По повод заедничкото учество со професорот Михајло Миновски во пригодната емисија за Илинден на МТВ, ќе одговорам со парафразирање на една позната мисла: Пукајте, ние и сега држиме историски час! Честит Илинден, Македонија вечна – напишала Котлар на фејсбук.
Додека долго најавуваната реформа во МРТ е заглавена исто така долго време во парламентот, поточно во Комисијата за транспорт и врски што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и раководството на МТВ деновиве си разменуваат обвинувања преку соопштенија.
– Со програмата од чествувањата на Илинден, МТВ ги оспори и ги доведе во прашање стратегиските интереси на Македонија, а членството во ЕУ и НАТО го сведе на прашање за полемика и го означи како определба на една политичка структура, наместо како генерациска определба на сите граѓани на Македонија – реагираа од СДСМ набрзо по завршувањето на чествувањето на Илинден во Крушево.
Според СДСМ, наместо да се издигне на нивото на Денот на Републиката, МРТ одлучила да дејствува пропагандно и да ги спори државните интереси. Од владејачката партија сметаат дека мора да има одговорност за, како што го оценуваат,  неодговорно и антидржавно однесување на јавниот сервис и бараат програмскиот совет, директорите и уредниците, итно да поднесат оставки.
Но во МРТ, се чини, никој нема намера да замине од функцијата, барем додека не биде донесен новиот закон за аудио и аудиовизуелни услуги, според кој смената на врвот на јавниот сервис, како и во Агенцијата за медиуми, би настанала по автоматизам. Токму тоа, според информациите, е причината поради која опозицијата го кочи во матичната собраниска Комисија донесувањето на новата регулатива, со оглед на тоа што нејзиното одолговлекување значи и продолжување на мандатите на досегашните раководни структури и во МРТ и во АВМУ.
Критиките од СДСМ и барањата за оставки, раководството на МРТ ги оцени како политички притисок во работењето.
– Јавниот сервис и годинава, како со години наназад, организира отворена програма во која вршеше директни преноси од говорите на претставниците на државниот врв и во која, како и досега, учествуваа историчари и се емитуваа прилози поврзани со Илинден. Изнесените ставови на присутните гости во студиото, кои беа единствените што ја прифатија поканата за учество во емисијата, се нивни лични ставови – се наведува во соопштението на првиот програмски сервис на МРТ.
Јавниот сервис ги отфрла наводите дека се оспорени и се доведени во прашање стратегиски интереси на Македонија и дека членството во ЕУ и НАТО е сведено на полемика, како определба на една политичка структура.
Ваквата реакција на СДСМ, првиот програмски сервис на МТВ ја оценува како директен притисок врз нејзиното работење. „И во иднина ќе реагираме на неоснованите обвинувања, без разлика од која страна доаѓаат, дали од власта или од опозицијата“, соопштија од МРТ.
Не е првпат во изминатите месеци претставници на СДСМ да реагираат за известувањето на МРТ и да бараат оставки од раководството. Пред извесно време и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, во чиј ресор се подготвуваа измените во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, оцени дека МРТ е срам, дно и целосно под политичка контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
– Македонија нема јавен сервис на граѓаните – напиша Манчевски, на Твитер.
Во февруари годинава, Марјан Цветковски беше реизбран за директор на МРТ, откако претходно шест години директоруваше исто така со јавниот сервис. Здружението на новинари на Македонија тогаш реагираше дека најмалку четворица членови на советот кои гласаа за Цветковски во оваа тело се избрани спротивно на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според кој лицата кои во последните пет години биле носители на јавни функции не можат да бидат избрани за членови на Програмски совет. Од ЗНМ бараа парламентот да констатира неспоивост на функции и да ги разреши од Програмскиот совет на МРТ поранешните пратенички на ВМРО-ДПМНЕ, Јагнула Куновска и Косана Мазнева, поранешниот амбасадор Агим Лека и Снежана Клинчарова, поранешен портпарол на Општина Бутел. Во меѓувреме, МВР поднесе кривична пријава против Цветковски, под сомнение дека во 2016 година ја злоупотребил службената положба при спроведување јавна набавка за електронско мерење на ТВ-аудиториум.
Раководството на МРТ во претходните години беше многу критикувано за необјективност и за пристрасност кон поранешната владејачка гарнитура. Поради тоа, граѓански активисти со месеци одржуваа протести пред зградата на јавниот сервис, а пред предвремените избори во 2016 година, како резултат на политички договор, беше именуван времен уредник на информативната програма на телевизијата, на предлог на тогаш опозицискиот СДСМ. Но, и покрај тоа советот на јавниот сервис, чии членови беа избрани од претходното парламентарно мнозинство, му доверија пред неколку месеци уште еден директорски мандат на Цветковски, што предизвика многу реакции во јавноста, па и сомневања за пазар меѓу владејачките партии и опозицијата. Јавниот сервис со години го реформираше безуспешно британската амбасада сакајќи да ги примени стандардите на Би-би-си во него, а летово се амбицираше и ЕУ вклучувајќи го во регионален проект за помош, иако сите обиди изминатите две децении да се влијае на неговата работа не донесоа никаков резултат и тој и натаму е безнадежно партиски.
Александра М. Митевска