СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ прво да каже дали ќе учествува на референдумот


Наместо да шири лажни вести и создава конструкции, ВМРО-ДПМНЕ прво треба да каже дали ќе учествува на референдумот во недела. Јасна е намерата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која и самата не знае дали ќе учествува на референдумот, на денот на гласањето, да прати партиски војници на гласачките места кои би ги забележувале и евидентирале луѓето кои гласаат, како што тоа впрочем и го правеше во минатото, се вели во соопштението на СДСМ.

„Македонија, граѓаните, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ насилно да ја блокира македонската иднина преку бојкотот што активно го организира. Раководството ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски останува заробено во темното минато и работи против иднината на Македонија и нејзините граѓани. Надлежните институциите се на висина на задачата и гарантираат организирање на фер, слободен и демократски референдум. Референдумот ќе биде набљудуван од ОБСЕ, од домашни и странски набљудувачи, како и од невладини организации и граѓански здруженија. Правото на глас е загарантирано и неприкосновено и секој вид на притисок, уцена и закана врз избирачкото право ќе биде соодветно санкциониран“, се наведува во сооштението.

Според СДСМ на 30 септември одлучуваат граѓаните а не ВМРО-ДПМНЕ  и Мицкоски.