Свилановиќ: Само успешен референдум на Македонија ќе и отвори перспектива и огромен потенцијал


Горан Свилановиќ, поранешен министер за надворешни работи на СР Југославија, од 1 јануари 2013 година е генерален секретар на Советот за регионална соработка со седиште во Сараево, БиХ. На барање на МИА, Свилановиќ испрати порака до македонските граѓани за претстојниот референдум во Македонија.

– Секако дека референдумот е национално прашање. Но, само успешен референдум ќе отвори перспектива и огромен потенцијал. Со него самите граѓани ќе имаат можност да стават точка на спорот што над 25 години го блокираше вистинскиот напредок и интеграциските процеси во земјата.

Договорот што го постигнаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, според него, е храбар, голем, историски и охрабрувачки за целиот регион, бидејќи дава свеж потенцијал, не само за соработката во евроатланските интеграции, туку и за натамошниот економски развој на земјата, како и на целиот регион.

-Очекувам по успешниот референдум, земјите членки на Европската Унија да ги операционализираат заклучоците на Европскиот совет за почеток на преговорите. За очекување е процесот на преговори да тече со солидно темпо поради фактот што земјата досегна висок ниво на ускладеност на своето законодавство со ЕУ.

Свилановиќ смета дека е важно граѓаните да го препознаат огромното значење на овој референдум, земајќи ги притоа предвид перспективите и можностите што ги носи Европската Унија, и на него да донесат одговорна одлука за својата иднина и за иднината на генерациите кои доаѓаат.

– Европската стратегија за проширување објавена во февруари годинава е јасна-невозможна е интеграцијата во ЕУ со нерешени билатерални спорови, што значи дека императив е трајното решение на комплексниот билатерален проблем.

Позитивниот исход на референдумот и целосната имплементација на договорот меѓу Скопје и Атина можат да ги сменат правилата на игра и позитивно да влијаат врз останатите предизвици во регионот. Позитивниот исход ќе влијае и врз безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот. Со тоа, успешниот референдум ќе ги ослободи сериозните меѓународни дипломатски капацитети да се фокусираат и да ги решат и останатите критични прашања во регонот.