Светска банка: До 2050 година може да има 143 милиони „климатски мигранти“


Повеќе од 140 милиони луѓе во три региони во светот можат да мигрираат до 2050 година за да ги избегнат ефектите од климатските промени, како што се намалувањето на земјоделското производство, недостатиг на вода и зголемувањето на нивото на морињата, предупреди Светската банка во денеска објавениот извештај.

Во него се наведува дека ако дотогаш ништо не се направи по ова прашање, ќе има 86 милиони потенцијални „климатски мигранти” во земјите јужно од Сахара, 40 милиони во Јужна Азија и 17 милиони во Латинска Америка.

– Климатските промени секојдневно стануваат се поголема економска, социјална и егзистенцијална закана, изјави извршниот директор на Светската банка, Кристалина Георгиева. – Тие ги принудуваат луѓето, семејствата, па дури и целата заедница да бараат места погодни за живеење, додаде Георгиева.

Авторите на извештајот спровеле три истражувања со конкретни примери. Едното е за Етиопија, каде населението може да се зголеми за 85 проценти до 2050 година, а миграцијата ќе се зголеми поради намалените реколти.

Втората студија се занимава со Бангладеш, каде „климатските мигранти” има опасност да станат најголем дел од сите други внатрешно раселени лица до 2050 година. Третата студија се однесува на Мексико, каде се очекува да се зголеми миграцијата заради климатските промени во градовите.