Света и Марија: Сакаме Модниот викенд во Скопје да стане регионален бренд


Тие се ударната и атрактивна двојка на Моден викенд – Скопје и на Модна ноќ на невести. Организаторката Света Богова-Јовановска и Марија Илиќ, задолжена за односи за јавност. На прв поглед се како јинг и јанг. Света – тивка, нежна, но решителна со прекрасни идеи за секоја сезона, секогаш во сенка за време на ревиите. Марија – директна, динамична, која ги решава непријатните ситуации, но секогаш на ревиите, на располагање на новинарите и гостите, со професионалноста и дозата на хумор.

Дали и по 16. сезона Модниот викенд кај нас е реалност или сон?

Света и Марија: Секоја сезона сѐ посилно се трудиме сонот Моден викенд Скопје да стане регионален, па и светски бренд – да стане реален. Македонија има исклучително талентирани дизајнери и голем потенцијал, но Моден викенд Скопје е едно парче од големиот „мозаик“. Дизајнерите, креативците, партнерите, текстилните фабрики и другите уметници поврзани со модата, сите заедно ја правиме целосната слика, и затоа мораме со заеднички сили да се трудиме уште поупорно нештата да стануваат сѐ подобри.

Како ги избирате учесниците?

Света: Докажаните имиња, односно оние што се редовни учесници, доколку имаат подготвена колекција, често и самите се пријавуваат уште на самиот почеток од подготовките бидејќи периодот кога се одржува настанот е веќе добро познат. На младите дизајнери и новите имиња им даваме особена поддршка доколку сметаме дека се подготвени да имаат ревија и секако имаат „што да покажат“. Некогаш има голема разлика од скица до реализација.

Дали на ФВСК му приоѓате како на уметнички или како на комерцијален настан?

Марија: Модниот викенд и модните недели воопшто и во светот ги имаат двата аспекта. Тоа се трудиме да се случува и кај нас. Програмата кај нас покрај модата, уметноста содржи и бизнис и едукативен дел. Сѐ она што се продава, односно може да се купи, секако има комерцијална нишка, а модата во светот е навистина сериозен бизнис во кој се вртат големи суми. Самите колекции се мини-уметнички дела бидејќи се нечие творештво, односно дизајн.

Што е за вас успешна ревија?

Света и Марија: Успешна ревија е комбинација од колекција која ќе си го најде патот до купувачите, во публиката да седат клиенти и потенцијални клиенти и, секако, публиката што е присутна на ревиите да ужива во она што го гледа.

Што е она што обичните луѓе, кои тежнеат за гламур, не го гледаат, а се случува зад сцената?

Света: Верувам дека барем оние што редовно доаѓаат на нашиот настан ги гледале видеата од бекстејџ како кај нас, така и оние од модните сцени во странство. Зад сцената се случува креативен хаос, манекенки што се подготвуваат со шминка, фризура, се преоблекуваат или, пак, јадат овошје додека го чекаат својот ред. Сѐ на сѐ една многу жива атмосфера со голем тим.

Важите за едни од најдобро облечените жени во Македонија. Дали сте модерни зашто сте во модата или модата е ваш начин на живеење?

Света: Ви благодарам за убавите зборови. Сите оние што ме познаваат лично знаат дека и приватно сум љубител на минимализмот и класиката, а особено ми се драги парчињата од македонските дизајнери кои во мојот гардеробер ги има навистина во голем број.

Марија: Стилот ми се формираше низ годините, што сметам дека е и нормално низ животните етапи. Во периодите кога работев во печатени медиуми, односно не бев толку присутна во јавноста, јас подеднакво се трудев да внимавам на својот изглед. Облеката не го чини човекот, но зборува многу за него и му дава еден посебен печат.

 

Лејла Сабит