Сашо Мијалков доби три години затвор и беше однесен во притвор


Додека јавноста очекуваше, по бизнисменот Орце Камчев, на слобода да биде пуштен и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, тој заврши во притвор во Шутка и со пресуда од три години затвор за случајот „Титаник 2“, за изборните местења на локалните избори во 2013 година, во Струмица, кога кандидат за градоначалник беше сегашниот премиер, Зоран Заев. Триесетдневен притвор и највисока казна затвор од четири години и шест месеци доби поранешниот член на Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими од редовите на ДПА, кој беше најбунтовен во текот на целото судење.

Претседателот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, со кого Мијалков ги договарал гласањата во ДИК, е осуден на три години и два месеца затвор, а другите членови на Комисијата, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска од ВМРО-ДПМНЕ, се осудени на три години затвор и треба еднаш неделно да се јавуваат во суд.

Поранешниот помошник министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, кој е единствениот кој заврши во притвор во случаите на Специјалното јавно обвинителство, јавноста го виде со лисици на рацете, додека Мијалков, кој оди по вторпат во затворот во Шутка, јавноста немаше можност да види како му ги ставаат лисиците и заминува во притвор.

Ова беше прва пресуда за Мијалков и голема медиумска вест. По усвојувањето на предлог- законот за СЈО и пуштањето на слобода на бизнисмените од случајот „Империја“, јавноста не очекуваше дека Мијалков, наместо на слобода, ќе заврши пак во Шутка. За разлика од неговиот братучед и соработник, Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска кои не се појавија да ги слушнат пресудите, Мијалков вчера дојде од куќен притвор во суд со своите адвокати точно навреме, поздравувајќи се ноншалантно со своите бранители и другите познајници. Седна во третиот ред и чекаше да ја слушне пресудата. Откако судот ги прогласи за виновни сите обвинети, обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, побара мерки за претпазливост за дел од обвинетите и притвор за Мијалков и Ибраими.

Обвинителката го пофали Мијалков за неговата досегашна коректност во постапките, но сепак побара притвор со образложение дека прашање на денови, а можеби и часови е кога Мијалков ќе биде ослободен од притвор со оглед на тоа дека Врховниот суд ги пушти од куќен притвор другите обвинети во „Империја“.

„Такви околности за бегство имаше кога против него се водеа само постапки. Сега кога имаме и конкретна одлука, првостепена пресуда и кога влезот во затвор му е временски поблиску, опасноста се зголемува. Таква мерка која ќе го спречи да избега е само мерката притвор“, рече Фетаи.

По девет години директорување со тајната полиција, Мијалков, иако беше човекот кој заедно со Груевски ги носеа клучните одлуки за државата, прв пат прозборе пред јавноста, откако Фетаи за него побара притвор. Во своето обраќање до судот како да сакаше да испрати порака дека тој не е како Груевски и нема никогаш да избега.

За него тврдењето дека постои опасност од бегство е шпекулација којашто не е поткрепена со докази или аргумент.

„Ако се осврнеме ретроспективно на изминативе години, може да заклучиме дека наративот на моето однесување од тој период со ниеден гест не даде индиција дека сум помислил, а камоли да планирам такво нешто. Јас во неколку наврати ја кажав филозофијата на моето размислување, со бегање проблемите не се решаваат. Стилот на моето живеење не е бегањето. Јас никогаш нема да избегам. Доколку Апелацискиот суд потврди, тоа ќе го решам со извршување казна, никако со бегање“,  рече Мијалков.

Нетрпеливоста меѓу обвинителката Фетаи и Бедредин Ибраими кулминираше на денот на пресудата. Фетаи побара за него притвор бидејќи не ги почитувал ниту СЈО, ниту судот, а Ибраими ѝ возврати дека ќе остане каде што е роден и ќе ѝ се смее в лице.

„На рочиштата го видовме на дело однесувањето на обвинетиот Бедредин Ибраими. Не го признава СЈО и не го почитува судот, односно не го почитува системот. Ваквото однесување ми дава сомнеж дека нема да ја почитува и донесената пресуда. Може само да се очекува криење и бегство. Затоа предлагам да му биде изречена мерка притвор“, рече Фетаи.

„Бедредин Ибраими тука е роден, тука живее и тука и ќе умре. Сè додека не докажам дека немам никаква вина, тука ќе останам и потоа в лице ќе ѝ се смеам. Не може да го злоупотреби правото и да бара притвор без докази“, ѝ возврати Ибраими на Фетаи. Тој му порача на судот дека ако мисли да прави реформи со тоа што ќе му се додворува на СЈО, прави голема грешка.

На изрекувањето на пресудата не дојде единствено лидерот на ДПА, Мендух Тачи за кого Фетаи не побара притвор, бидејќи се однесувал коректно и неговото присуство можело да се обезбеди само со мерки за претпазливост. Судот одлучи еднаш неделно, освен Тачи, во судот да се јавуваат и обвинетите Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска.

Пресудата ја изрече и ја образложи претседателот на Судечкиот совет, Огнен Ставрев, но сега во името на граѓаните на Република Северна Македонија. Тој порача дека никој не смее да ја узурпира државата за лични и партиски интереси.

„Никој и никако не смее и не може да го постави неправото да биде над правниот систем и никој поединец или група не смее да биде над правото. Со тоа судот е на мислење дека никој нема право да ја узурпира правната држава за лични и тесни интереси на поединци и групи и да профитира од тоа. Никој нема право да одземе нечие достоинство или да создаде услови кои како последица би имале губење на правото. Судот смета дека со сите противправни дејства е нанесена штета на државниот буџет, но тоа не е единствената суштинска повреда. Тие направиле и директна штета на изборниот систем, злоупотребувајќи ги демократијата и волјата на граѓаните во интерес на своите партиски интереси со умисла повреда на правните норми“, рече судијата Ставрев.

Пресудата за затворските казни не е правосилна и одбраната има право на жалба до Апелацискиот суд, кој треба да ја потврди пресудата за да стане извршна. Потоа обвинетите имаат право на жалба и пред Врховниот суд каде што над овие случаи е надвиснато правното мислење на судиите кои го прогласија обвинителството за неовластен тужител, но и влијанието на новиот предлог-закон на Владата што треба да биде изгласан во Собрание. Името на Мијалков се споменуваше во обезбедувањето гласови на пратениците за обезбедување на мнозинството во Собрание. Откако беше обезбедено мнозинството за првите уставни измени и по бегството на Груевски, Мијалков заврши во притвор, но околу Нова година беше пуштен во куќен притвор. Ако претходно тој владееше во сенка, сега е најистуреното име од партијата кое се споменува во политичките пазарења и можноста за спасување.

Според обвинението на СЈО, Мијалков во 2013 година ургира кај Тачи кој, пак, му наложува на тогашниот член на Државната изборна комисија од неговата партија, Ибраими, да гласа за поништување на гласањето во Струмица. Бедредин Ибраими од ДПА го менува своето мислење и заедно со обвинетите Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ ги надгласуваат колегите од СДСМ и ДУИ и гласањето во Струмица се повтори.

Разговорите меѓу Тачи и Мијалков беа јавно објавени и граѓаните слушнаа како Мијалков му се јавува на Тачи и ургира кај него за гласање на седница на ДИК.

„Ало, итна ургенција. Можете ли да гласате за нас за да се усвои приговорот за Струмица“, му вели Мијалков на Тачи. Тачи веднаш одговара: „Може, одма“. Потоа следува разговор меѓу Тачи и Бедредин Ибраими, во кој Тачи му вели: „Сега ја имате Струмица, ќе гласате за да се поништи, зашто сме договорени за Чаир“.

Главниот аргумент на одбраната на обвинетите, освен спорната надлежност на СЈО, е тоа што во изборниот процес не била направена штета и дека сепак на изборите во Струмица победил Заев. Ова е прва пресуда за изборни нерегуларности во која се осудени високи политички функционери. Во првичното обвинение беа опфатени и управните судии кои ја потврдиле одлуката на ДИК, но Кривичниот суд го отфрли обвинението против нив откако тие се повикаа на својот имунитет.

Фросина Факова-Серафиновиќ