Сафари мода: Меланија ги замени салонките со мокасинки


Гана– Првата дама на САД, Меланија Трамп, за време на посетата на Гана ги замени чевлите со високи потпетици на Маноло Балник со луксузни мокасинки со леопардов дезен, за време на престојот во Гана, како прва станица од петдневната турнеја низ Африка. Меланија останува доследна на сафари стилот: лежерно струкирано сако и цевка пантолони кои и ја истакнуваат топ-формата и витата става.

Кратко по нејзиното пристигнување во главниот град на Гана, Акра таа посети болница и донираше чаршафи и играчки на новороденчињата и родилките.

Сопругата на американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја разгледа некогашната тврдина каде што биле држени робови во 17-от век, поминувајќи низ т.н. „врата од која нема враќање“.

Таа ќе ги посети и Малави, Кенија и Египет, во текот на нејзината прва поголема самостојна турнеја. Доналд Трамп, пак, уште не ја посетил Африка, откога стапи на претседателската функција во 2017 година.

Меланија ја користи нејзината прва посета на Гана, Малави, Кенија и Египет за да ја промовира нејзината иницијатива „Биди најдобар“ која се фокусира на подобрување на условите на децата. Нејзиното добротворно патување се случува на само неколку месеци откако Доналд Трамп употреби вулгарен термин за континентот, по што уследи жестока критика од јавноста заради наводен расизам од страна на претседателот.

„Мислам дека патувањето на првата дама ќе покаже дека Американците, американската политика и администрацијата се повеќекратни и повеќе од само две или три пораки на Твитер“ изјави за Гласот на Америка Џон Кембел од Советот за надворешни врски.

Администрацијата на Трамп повика на значително намалување на програмите за хуманитарна помош за Африка. Сепак ваквите барања беа блокирани од страна на Конгресот.

Самостојните патувања се традиција кај првите дами на САД. Мишел Обама во 2010 сама го посети Мексико, а следната година и Африка. Лора Буш, исто така, патуваше сама неколкупати, а првата посета ѝ беше во 2002 година на Европа.