Сапуница со судбината на Вардар


Поразот од Пјуник во Скопје беше тежок, елиминацијата на стартот на квалификациите за Лига Европа (ЛЕ) уште потешка, но најтешкото, се чини, допрва следува за Вардар. Александар Васоски по мечот истакна дека е потребно да се извлечат поуки по двомечот со Ерменците за тимот да излезе посилен од ситуацијата и како таков да влезе во предизвиците што следуваат. Потребно или неопходно, сеедно, ако не е доцна. Ако се извлекуваа по секоја грешка во изминатиот период, „црвено-црните“ немаше да дојдат до позиција да се соочат со премрежјето што е надвиснато над нив и директно е поврзано со иднината на Сергеј Самсоненко во клубот.

Најновата епизода во „црвено-црниот“ филм што до лани ова време беше розов, барем засега, се лиферува од одредени кругови со намера за опипување на пулсот, па и нудење. Самсоненко, како што пишуваат дел од медиумите, по вторпат за неполни 12 месеца си оди од Вардар. Првиот пат се закани во август во минатата година пред скопскиот дуел со Фенербахче во баражот за ЛЕ. Тогаш рускиот бизнисмен се најде на мета на критики во јавноста, особено кај навивачите, за идејата за распродажба на јужната трибина на „Филип Втори“ за турските фанови.
Но, страстите набрзина стивнаа, истите тие кои негодуваа сфатија дека со тоа си сечат една од гранките на кои седат, ретерираа во реториката и реакциите. Јужна остана достапна за домашната публика, Самсоненко си остана во Вардар (за некои тоа беше намерна закачка од него за кревање раце од спортот во Македонија), во јавноста беше продадена приказната дека „нема победедни и поразени“ туку дека едноставно „надвладеа разумот за доброто на клубот“.

Одредени медиуми му доделија „главна улога“ на Живко Мукаетов во втората епизода од сапуницата „Вардар и Самсоненко“. Истите, есеноска се распишаа за наводен договор за преземање на клубот од првиот човек на „Алкалоид“, па отидоа дури дотаму што „извадија“ и проекти за изградба на сопствен стадион на кој „црвено-црните“ ќе бидат домаќини на своите мечеви. И секое чудо, како што бива, за три дена, така и тоа. Русинот остана во клубот, а „веста“ послужи само за „клик новинарство“.

Разделбата меѓу Самсоненко и Вардар се враќа во етер и сега меѓутоа поучени од претходните искуства, тешко веројатно е дека ќе се случи во овој период. Овојпат во игра се турка Град Скопје од под чија капа го извлече Русинот во 2014 година за сума од 50.000 денари по акција. Но, наводниот „закажан состанок“ за оваа недела на кој би се разговарало за делумно или целосно ставање на „црвено-црните“ на градска цицка е фантомски.

Градоначалникот Петре Шилегов во изјава за „Независен весник“ демантира дека во наредните денови ќе оствари средба со претставници на Вардар.

„До нас нема пристигнато ништо официјално. Сѐ што излезе на социјалните мрежи е на ниво на шпекулации и не би сакале да навлегуваме во нив“, ни изјави Шилегов.

Сето ова не значи дека Самсоненко не бара партнер со кој полесно би ги поднел обврските во преголемиот спортски проект со кој се зафати или повлекување од фудбалот и ракометот, но тоа не оди преку ноќ. Ниту ситуацијата во Вардар ниту буџетот не се какви што беа. Факт е дека вардаровото семејство е осипано и кадровски и финансиски. Ракометарките добија „слободно“ по петтиот настап на Фајналфор турнирот во Лигата на шампиони, најголем дел од ракометарите од шампионската екипа, исто така, си отидоа од СЦ „Јане Сандански“, слика што се преслика и на фудбалски план.

На фудбалерите не им се исплатени четири плати плус бонуси за Лига Европа од минатата сезона. Сумата што неофицијално кружи е изразена во милиони евра, но она што фрла сомнеж е дека разделба ќе се случи е најавата за нов тренер кој доаѓа од Русија, кој го гледаше Вардар против Пјуник во четвртокот и чија промоција се очекува кон крајот на оваа недела. Па, логично се поставува прашање зошто некој би ангажирал менаџер за работа со првата екипа ако има намера да замине.

Сашко Ѓ. Димовски