Сандра Стефановска: Најтрофејна македонска убавица во 2017


Сандра Стефановска (25) од Скопје е најтрофејната македонска убавица за 2017 година. Годинава ја претставуваше Македонија на три интернационални избори за убавина и од сите се врати со титули: Во Кина, во февруари, на „Мис ориентал туризам“ ја освои титулата мис бикини, на Кипар, во септември, на „Мис самер интернешнел“ беше избрана за втора придружничка, и во Турција, во ноември, ја освои титулата кралица на Евроазија. Членка е на модното студио „Црнокрак“ веќе 8 години. Студира економија на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

– Среќна сум што сум најтрофејната манекенка годинава. Горда сум и задоволна со самата себе бидејќи мојот вложен труд е признаен и награден. Ова признание е уште еден голем поттик за мене, подготвена сум за нови предизвици и, секако, и понатака ќе продолжам да се трудам да ги претставам модното студио „Црнокрак“, себеси и Македонија најдобро што можам – вели Сандра.

2017 година ѝ била специјална, полна со изненадувања, успеси, насмевки и убави моменти.

– Годинава првпат се закитив со титулата победник и ја освоив круната на еден престижен интернационален избор за убавина каков што е „Кралица на Евроазија“ (The Queen of Eurоasia). Горда сум на себеси бидејќи ја остварив оваа победа во присуство на исклучителна конкуренција. Искуството, титулите, победата и успесите од оваа година имаат посебно значење за мене како на приватен, така и на професионален план бидејќи ми се отворија многу врати во светот на модата, можности за учествување на други престижни интернационални натпревари за убавина, како и договори и планови за соработка со неколку модни куќи и брендови кои ќе ги реализираме заедно со модното студио „Црнокрак“ – раскажува Стефановска.

Изборите во Кина и на Кипар ѝ биле можност да ги запознае земјите, но и да склопи разни пријателства.

– Патувањето во Кина беше едно ново искуство за мене, се запознав со една нова специфична култура, историја и народни традиции и обичаи на кинескиот народ. Иако патувањето во септември не беше прво моја посета на Кипар, сепак, уживав максимално во природните убавини на островот и одличните услови што ни беа овозможени на учесничките на изборот – вели убавицата.

Новата година ќе ја прослави во Скопје.

– Бидејќи постојано патував и немав доволно време да се подготвам порано за испитите што следуваат во јануарската испитна сесија, Новата година и празниците ќе ги прославам во Скопје, во друштво на најблиските – семејството и пријателите. Ви посакувам многу среќа здравје и успех во новата година и среќни празници вам и на вашите читатели – ни посака Сандра.

Лејла Сабит