Недостигаат потписи на интерпелацијата против Владата


Барањето за покренување прашање за доверба во Владата го потпишале 41 пратеник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, која на изборите во 2016 година влезе со 51 пратеник во законодавниот дом.

Според интерпелацијата, што ВМРО-ДПМНЕ ја достави во неделата, а денеска е објавена и на собраниската интернет страница, на барањето за изгласување недоверба на кабинетот на Зоран Заев се потпишани двајцата поранешни премиери Никола Груевски и Емил Димитриев, поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски, како и двајца од вкупно шестмина пратеници на кои им беше одземен имунитетот за да бидат притворени за настаните на 27 април 2017 година – Жаклина Пешевска ( за која истрагата е прекината) и Јохан Тарчуловска (кој е пуштен да се брани од слобода). Но, на интерпелацијата ги нема потписите на Крсто Мукоски, Сашо Василески и на Љубен Арнаудовски, кои се сега во домашен притвор, но сѐ уште имаат мандат како пратеници. Меѓу потписниците го нема и Љупчо Димовски од СПМ, кој е пуштен да се брани од слобода, а не се потпишани ниту неговите сопартијци Владанка Авировиќ и Стојан Миланов.

Од другите коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, на интерепелацијата се потпишале Панчо Минов од ГРОМ и Зеќир Рамчиловиќ од АВАЗ. Затоа, пак, меѓу потписниците го нема Иван Стоиљковиќ од ДПСМ.

Расправата за интерпелацијата треба да се одржи во среда, а гласањето „за“ и „против“ кабинетот на Заев би се реализирало на полноќ. Тоа ќе биде прва седница на која ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ по безмалку пет месеци бојкот поради приведувањата за настаните на 27 април.

Опозицијата ја поднесе интерпелацијата во период кога Заев се обидува да го прошири парламентарното мнозинство со партиите од албанскиот блок, како и со дел од пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, коалицијата „За подобра Македонија“ освои во 2016 година 51 пратенички мандат, но во меѓувреме тројца пратеници од другите партии поминаа на „другата страна“ – Чедомир Саздовски од ГРОМ, Амди Бајрам од СПМ и Јусуф Хасани од ДПТ.

За евентуално изгласување недоверба на Владата се потребни минимум 61 глас.