Само Груевски ќе биде обезбедуван на државна сметка


Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, по судската ферија, во судот ќе треба да доаѓа сам. Пред судницата веќе нема да го чекаат неговите телохранители, а пред судот нема да го чекаат затемнетите возила кои му ги определи Министерството за внатрешни работи откако беше сменет од директорската позиција
По повеќе од една година откако ја изгубија власта, без обезбедување останаа сите поранешни функционери од владата на премиерот Никола Груевски. Министерството за внатрешни работи, во екот на аферата за злоупотребата на полицискиот џип, ја објави информацијата дека пред државниот празник Илинден му го укинале полициското обезбедување на Мијалков, а потоа излегоа и со информација дека сите поранешни високи функционери останале без обезбедување.
Мијалков, три години откако ја напушти функцијата, користеше два автомобила и шестмина обезбедувачи кои му беа определени поради безбедносни проценки за можен ризик. Освен Мијалков, откако се смени власта, обезбедување користеле и неговите следбеници, поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски и Љупчо Андоновски.
Без обезбедување остана и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кому му беше доделено откако беше нападнат пред Министерството за здравство пред примопредавањето на функцијата.Дедото на малата Тамара, која почина чекајќи да биде оперирана во странство, Љупчо Стојановски, кој за смртта на својата внука го обвини Тодоров, пукаше кон него, но министерот се спаси.
Обезбедување користел и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски. Од Министерството за внатрешни работи не соопштија кои функционери користеле обезбедување по завршувањето на функцијата и зошто баш во овој период е направена безбедносна проценка дека веќе не им треба.  Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска сама се откажа од полициското обезбедување, а сега му е доделено на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Поранешните функционери од власта оваа привилегија ја добија во 2016 година кога беше направена измена на уредбата за личности и објекти што се обезбедуваат. Според старите законски прописи, министерот за внатрешни работи може да нареди редовни мерки и активности за обезбедување по престанокот на функцијата на претседателот на Собранието, на членови на Владата, како и на други личности на кои им престанала функцијата во случаи кога е оценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет поради преземени определени дејствија во вршењето на нивната функција, но најдолго до една година по престанување на функцијата.
Но, според новите измени, одредницата „најдолго до една година“ е изменета и сега гласи „за времетраење на опасноста“.
Од поранешните функционери, обезбедувањето му останува на поранешниот премиер Никола Груевски. Иако не е премиер веќе неколку години, Груевски и сега користи дел од државните привилегии како поранешен претседател на Владата, односно има на располагање шест телохранители, службен автомобил и возач.
Ова му е овозможено со Законот што беше донесен пред околу пет години, кога мнозинството во парламентот го контролираше ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш беше предвидено поранешниот премиер да ги користи овие бенефиции толку години колку што бил на функцијата, за разлика од претходно кога овој рок беше само една година. Според тоа, Груевски треба да има право на 24-часовно обезбедување и на возач некаде до 2026 година.
Фросина Факова – Серафиновиќ