Само владејачките пратеници ќе се дружат со министрите


За првпат на оваа седница за пратенички прашања предвидена е и неформална средба на пратениците од сите партии со премиерот и членовите на Владата.

Иницијативата за вакво неформално дружење за време на редовната пауза од 14 до 15 часот е на пратеничката група на владејачкиот СДСМ, а во соработка со Националниот демократски институт. Сепак, на првата ваква средба зад затворени врати, наместо пред камерите во собраниската сала, нема да присуствуваат пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за кои ова е прва седница за пратенички прашања по подолго време, односно по прекинувањето на собранискиот бојкот.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, на почетокот на седницата, рече дека опозицијата своите прашања за премиерот и министрите ќе ги поставуваат јавно на пленарната седница, а не, како што оцени, на коктели.

Време е да завршите со забавите, рече Данев, додавајќи дека во изминатите десет дена во Македонија имало секаков вид забави, при што посочи на чочеците во тунелот за време на отворањето на автопатот Демир Капија – Смоквица и на прославата за извештајот на ЕК. Според него, ова се прави за граѓаните да заборават на нереализирани изборни ветувања на власта.

Седницата за пратенички прашања почна со музика за чочеци, што опозиционерите ја пуштаа од своите мобилни телефони.