Самостоен концерт на „Киборг“: Сајбер-панкерите се враќаат на сцена


Првиот индустријал-бенд во Македонија „Киборг“ најави свој самостоен концерт на 6 декември во Младинскиот културен центар. Настапот ќе биде во рамките на „Таксират“, како дел од програмата за одбележување на 20. јубилејно издание од фестивалот.
По 20 години пауза, „Киборг“ се врати на сцена минатата година со одличниот концерт на музичката конференција ПИН, кој воедно беше и еден од најпосетените од 30. концерти што се одржаа во рамките на конференцијата. Сега повторно ќе „атакуваат“ со нивниот моќен аудиовизуелен концепт на извонреден сајбер-панк звук.
Како бендот започнува со работа кон крајот на минатиот век, летото во 1995 година во Скопје. Многу луѓе минуваат низ бендот, а конечната постава е дефинирана со Дарко Јаневски (вокал), Перо Стефановски (гитара), Горан Атанасов (тапани), Влад Каевски (клавијатури).
Билетите за концертот на „Киборг“ се веќе пуштени во претпродажба, онлајн и во сите продажни места на „Мк тикетс“, со цена од 200 денари. На денот на концертот, нивната цена ќе биде 300 денари.
Во рамките на фестивалот „Таксират“, оваа зима во Скопје публиката ја очекуваат повеќе настани кои ќе се одржуваат од 29 ноември до 8 декември. Официјалното отворање на фестивалот е на 29 ноември со музичката конференција ПИН и фестивал „Шоукејс“, кој ќе се одржува до 1 декември во МКЦ, а во наредните „Денови на Таксират“ веќе се најавени и театарско-сценскиот перформанс на Рамбо Амадеус и „Вечер на гломазна поезија“ на 3 декември, потоа концертите на „Ет д гејтс“ на 4 декември. Годинешното издание на „Лузер фест“ ќе се одржи на 7 декември.
Главната вечер на „Таксират“ ќе се одржи на 8 декември во Арената „Борис Трајковски“. Веќе е потврден првиот гостин за завршницата на големата прослава, и тоа „Мандо диадо“, славниот шведски инди-рок бенд кој првпат ќе гостува со концерт во Македонија. (И.Н.)