Салма Хаек проговори: Вајнстин сакаше да ме убие зашто не сакав да спијам со него


САД- Голем број холивудски ѕвезди го обвинија продуцентот Харви Вајнстин за сексуална злоупотреба и силување, а им се придружи и Салма Хаек. За „Њујорк тајмс“ вели дека Вајнстин ѝ се заканувал дека ќе ја убие откако одбила сексуален однос со него. Тврди дека со години го одбивала, а на секој негативен одговор Вајнстин збеснувал.

„Ќе те убијам, немој да мислиш дека не можам да го направам тоа“, велеше Вајнстин, тврди актерката.

Смета дека од силување ја спасило пријателството со Квентин Тарантино и со Џорџ Клуни. Иако била вознемирена кога нејзините колешки почнале да зборуваат за злоупотребата, вели дека не сакала веднаш да зборува мислејќи дека се помирила со минатото.

„Всушност, се обидував да ги спасам моите сакани од објаснувања, затоа што кога случајно спомнав дека Харви ме злоупотребувал, премолчев некои детали“, вели Хаек.

Актерката и продуцентот соработуваа на биографскиот филм за Фрида Кало. Тврди дека продуцентот барал да му дозволи да ја гледа додека се тушира, да го масира, орално да го задоволува и да биде со друга жена. Тврди дека ја наговарал да сними експлицитна секс-сцена за филмот, а тоа го немало во сценариото и дека доживеала нервен слом кога снимале.

Обвинувањето на Салма е една од 80-те досега стигнати на сметка на Вајнстин.