Салах скрши рекорд во Англија


Најдобриот стрелец на Ливерпул, Мохамед Салах влезе во историјата на Премиер Лигата, откако беше изгласан за број 1 во Англија во март. 25-годишниот Египќанец е првиот играч кој ја освоил наградата за Фудбалер на месецот три во рамките на една сезона.

Салах постигна шест гола и запиша една асистенција во четири натпревари на Ливерпул во март. Во нив, „црвените“ забележаа победи против Њукасл (2:0), Ватфорд (5:0) и Кристал палас (2:1) и пораз од Манчестер јунајтед (1:2).

Салах, кој беше привлечен во текот на летото од Рома за 42 милиони евра, има 29 гола во 31 натпревар во Премиер лигата од почетокот на сезоната. Тој има пет натпревари на располагање, за да го стигне рекордот за најмногу постигнати погодоци во рамките на еден шампионат – 34 на Енди Кол (1994 година) и Алан Ширер (1995 година).

Со 29 погодоци, египетскиот фудбалер го дели првото место со Лионел Меси од Барселона во трката за „Златната копачка“. Чиро Имобиле од Лацио со 27 гола и Роберт Левандовски од Баерн со 26 се другите главни претенденти.

Салах се израмни со Роби Кин, Герет Бејл, Руд ван Нистелрој, Двајт Јорк, Ешли Јанг и Питер Одемвинге, кои ја имаат освоено наградата за фудбалер на месецот по три пати.

Денис Бергкамп, Тиери Анри, Франк Лампард, Кристијано Роналдо, Пол Сколс и Ширер имаат по четири признанија во својата кариера, а со по пет се Серхио Агуеро, Вејн Руни и Робин ван Перси.

Стивен Џерард и Хари Кејн го држат рекордот со по шест награди.