Салах го прекина рамазанскиот пост поради финалето со Реал


Иако беше најавено дека Мохамед Салах ќе се придржува кон рамазанскиот пост и на денот од финалето на Лигата на шампионите, сепак од Ливерпул соопштија дека египетскиот фудбалер го прекинува постот со цел да биде подготвен за натпреварот.

Претходно, и самиот Салах најави дека планира сите 30 дена да пости, без разлика што во овој период е финалето на Лигата на шампионите и натпреварите од Светското првенство во Русија. Но, тоа беше демантирано од страна на лекарскиот тим на Ливерпул.

– Салах се придржуваше кон постот претходните денови, но денеска и утре ќе конзумира храна и течности. На тој начин постот нема да влијае на него, а по финалето тој ќе продолжи да пости, истакна Рубен Понс од лекарскиот тим на англискиот клуб.

Муслиманите за време на рамазанскиот пост се воздржуваат од храна и пијалаци од зора до зајдисонце. Некои фудбалери од исламска вероисповест тврдат дека играат дури и подобро за време на постите, но според лекарите кога постат нивната физичка подготвеност е далеку послаба.

Ливерпул утре во Киев во финалето на Лигата на шампионите ќе се соочи со Реал Мадрид, кој е бранител на титулата.