САД и Израел излегоа од УНЕСКО


САД и Израел од денес и формално излегоа од УНЕСКО, агенцијата на ОН за образование, наука и култура. Ова е кулминација на процесот што почна пред повеќе од една година, поради загриженоста дека организацијата поттикнува антиизраелски ставови.

Иако повлекувањето е главно процедурално, сепак е удар за УНЕСКО, кооснована од САД по Втората светска војна, за поттикнување на мирот.

Администрацијата на Трамп извести за повлекување лани во октомври, а примерот го следеше израелскиот премиер Бењамин Нетанјаху.

УНЕСКО, агенција со седиште во Париз, беше критикувана за ширење антиизраелски предрасуди, поради критикување на окупацијата на Израел на Источен Ерусалим, поради тоа што ги смета древните еврејски места за палестинско наследство и поради доделувањето на полноправно членство на Палестина во 2011 година.

САД побараа “фундаментални реформи” во агенцијата што е позната по програмата за заштита на светското културно наследство и традиции. УНЕСКО, исто така, работи на подобрување на образованието на девојчињата, промовира разбирањето на ужасите на Холокаустот и заштита на слободата на медиумите.

Повлекувањата нема да имаат големо влијание на УНЕСКО, бидејќи уште од 2011 година Израел и САД престанаа да плаќаат такси, по прифаќањето на Палестина за земја-членка. Според проценките, САД должат 600 милиони долари за неплатени такси а Израел околу 10 милиони долари.