САД ги воведоа првите мерки против Косово поради таксите за Србија, во Приштина „длабоко загрижени“


САД ги презедоа првите мерки против институции на Косово поради одбивањето на премиерот Рамуш Харадинај да ги повлече или суспендира таксите од 100 отсто за српските и производите од Босна и Херцеговина, а од одредени политички кругови во Приштина се оценува дека првата порака од администрација на САД е загрижувачка, пишува РТС.

Најсилната опозициска парламентарна партија, Демократската лига на Косово (ДСК), изјави дека откажувањето на посетата на командантот на Националната гарда на Ајова, генерал-мајор Тимотеј Ора, поради трговски мерки кон Србија и Босна и Херцеговина, е „длабоко загрижувачка“.

Пратеникот ДСК, Насер Ругова, рече дека косовската влада треба да направи чекор назад и повторно да ги преиспита своите постапки бидејќи на Косово не му се потребни популистички мерки, кои ги влошуваат односите со САД.

Укинувањето на таксите од 100 проценти, иако не е официјално потврдено, било тема на вчерашниот состанок на челниците на косовските институции во Приштина

Според приштинските медиуми, претседателот на Собранието Кадри Весели, кој го свикал состанокот, и претседателот на Косово Хашим Тачи, барале од Харадинај да ја повлече одлуката за таксите, со цел да му се даде шанса на дијалогот со Белград.