САД воведуваат царини за увоз на челик и алуминиум
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша синоќа одлука за воведување царини од 25 отсто за увоз на челик и 10 отсто за увоз на алуминиум.
Новата мерка што ќе стапи во сила по 15 денови, нема да се однесува за Канада и за Мексико.
На прес конференција по потпишувањето на документот, Трамп го оквалификува увозот на челик и алуминиум како „напад врз нашата држава“. Според него, домашното производство е прашање на национална безбедност.
– Ако не сакате да плаќате царини, донесете ги фабриките во САД, изјави американскиот претседател.
Тој исто така побара отстапки од државите од Европската унија укажувајќи дека тие се однесуваат нечесно спрема американските автомобили и се закани дека може да ги зголеми царините за увоз на европски автомобили.
Ваквиот американски потег предизвика жестока реакција и во Кина, каде мерката ја оценија како „напад“ на мултирателариниот трговски систем.
„Злоупотребата на клаузулата за национална безбеднст на САД претставува намерен напад на мултилатералниот трговски систем воспоставен од Светската трговска организација (СТО) и сигурно ќе предизвика сериозни последици по народниот трговски поредок“, соопшти кинеското Министерство за трговија.
Кина е прв светски производувач на челик и алуминиум, но нејзиното производство претставува само мал дел од американскиот увоз, далеку зад Канада, Бразил или ЕУ.
Јапонските власти ги оценија како „тажни“ американските такси на увоз на челик и алуминиум, воведени за сите земји освен Канада и Мексико и оценуваат дека таа мерка сериозно ќе ја погоди светската економија.
– Ние ќе преземеме соодветни мерки откако детално ќе ги разгледаме последиците по јапонската економија, изјави шефот на јапонската дипломатија Таро Кано и додаде дека американските такси ќе имаат влијание на билатералните економски врски, но и на економијата во целиот свет.
Начинот на кој САД најави високи увозни давачки за челикот и алуминиум е погрешен, изјави за Би-Би-Си британскиот министер за меѓународна трговија Лиам Фокс.
Според него, новите тарифи се „двоен апсурд”, посебно за Велика Британија, поради тоа што земјата учествува само со еден процент во увозот на метали во САД.
Фокс појасни дека во Велика Британија се произведува главно многу високо квалитетен челик кој не може да биде извезувн во САД, бидејќи тоа само ќе ги зголеми тамошните цени на челикот.
Европската унија треба да биде исклучена од воведувањето нови царини од САД за челик и за алуминиум, изјави Сесилија Малмстром, еврокомесар за трговија.
– Ќе бараме повеќе детали за тоа прашање во следните денови, изјави таа.
Според неа, ЕУ е близок сојузник на САД. Малмстром додаде дека в сабота ќе има средба со постојаниот трговски претставник на САД Роберт Лајтхајзер.