Савидис се извини за случувањата на натпреварот ПАОК – АЕК


Два пати се извинува претседателот и сопственик на грчкиот фудбалски клуб ПАОК од Солун, за инцидентите во неделата вечерта.

Во писмена изјава објавена на официјалниот сајт на клубот, Иван Савидис, и на почетокот и на крајот им се извинува на „навивачите на ПАОК, на сите грчки навивачи на светската фудбалска заедница“, вели дека жали за она што се случило и дека е свесен дека немал право да влезе на терен на начинот на кој го сторил тоа.

– Мојата емоционални реакција беше предизвикана од општата негативна ситуација што преовладува во грчкиот фудбал во последно време и од сите неприфатливи, неспортски работи што се случија кон крајот на натпреварот ПАОК- АЕК: постапките на судијата и помошникот (гол – офсајд – гол), прекинот на натпреварот, несогласувањата и влегување на теренот на десетици луѓе и од двете екипи. Сето ова можеше да создаде хаотична ситуација на теренот, а мојата единствена цел беше да ги заштитам десетиците илјади навивачи на ПАОК од провокации – судири – човечки жртви. – вели Савидис во писмената изјава о додава дека немал намера физички да се пресмета ниту со противничката екипа ниту со судии.

Првиот човек на солунскиот клуб пишува дека се бори и ќе продолжи да се бори за фер фудбал со чесно судење на сите натпревари.

Изјавата на Савидис доаѓа само неколку часа по истекот на рокот од 24 часа за неговото апсење за инцидентите во неделата вечерта.

Грчката полиција ги бараше Иван Савидис и четири лица од неговото обезбедување, откако во неделата влетаа на терен за време на натпреварот ПАОК – АЕК, откако судијата поништи гол за домаќинот во 90та минута. А ситуацијата во Грција дополнително ја „вжештија“ и фотографиите на кои се гледа дека Савидис на неговиот појас носи пиштол.

Со одлука на грчката влада, на неопределено време е прекинато грчкото фудбалско првенство.