Русија протестира поради легализацијата на марихуана во Канада


За Русија легализацијата на канабисот во Канада е „неприфатлива“ и „лицемерна“ одлука, која „сигурно ќе предизвика значително зголемување на прометот (на марихуана) кон другите земји“.

– Оценуваме дека таквиот закон е во спротивност со меѓународната контрола на дрогата, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Официјална Москва тврди дека Владата на канадскиот премиер Џастин Трудо ја „прекрши“ Единствената конвенција за опојни дроги од 1961 година, Виенската конвенција за правото на меѓународните договори од 1969 година, Конвенцијата за психотропни супстанви од 1971 година и Конвенцијата против незаконски промет со наркотици од 1988 година.

– Свесно торпедирајќи го меѓународниот режим за контрола на наркотиците, канадската Влада создаде најголем пазар на дрога во светот, кој и покрај сите изјави и предложени мерки за спречување на извоз на канабис преку државните граници, сигирно ќе предизвика значително зголемување на прометот во други држави, вклучително и во тие кои строго го почитуваат духот и словото на конвенциите, се посочува во соопштението од руското МНР.