Русија нареди протерување дипломати од 23 земји, меѓу нив и од Македонија


Руското Министерство за надворешни работи објави денеска дека ги известило амбасадорите на 23 земји, кои наредија протерување руски дипломати, дека ист број на нивни дипломати се прогласени за персона нон грата.

Во соопштението на министерството се вели дека тие земји протерале руски дипломати поради труење со нервен агенс во Велика Британија на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.

Русија вчера објави дека протерува 60 американски дипломати и го затвора американскиот конзулат во Санкт Петербург, како реципроцитет за потезите на Вашингтон.

Земјите кои денеска беа информирани за протерување на свои дипломати се: Австралија, Албанија, Германија, Данска, Ирска, Шпанија, Италија, Канада, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Холандија, Норвешка, Полска, Романија, Украина, Финска, Франција, Хрватска, Чешка, Шведска и Естонија.

Во соопштението се вели дека Русија го разгледува протерувањето во помал обем на дипломати од Белгија, Унгарија, Грузија и Црна Гора.

Руското министерство не го наведе НАТО од каде се протерани седум Руси.