Русите пресреќни: Достојни сме на предизвикот


Селекторот на репрезентацијата на Русија, Станислав Черчесов беше во одлично расположение по убедливата победа со 5:0 над Саудиска Арабија на стартот на Мундијалот 2018.
Черчесов не штедеше пофалби за своите играчи.
– На вчерашната прес-конференција реков дека со зборови не се победува. Ако си подобар, треба да го докажеш тоа на теренот. Благодарам на момчињата. Тие покажаа дека сме способни да бидеме достојни домаќини на Светско првенство, изјави Черчесов по триумфот на „Лужники“.
Тренерот на Саудиска Арабија, Хуан Антонио Пици пак лошиот резултат на неговиот тим го препиша на недостигот на искуство.
– Недостигот на искуство влијаеше на денешниот резултат. Русија тргна силно и не можевме да се спротивставиме. Многу болен почеток, од кој се надевам дека ќе се опоравиме, заврши Пици.