„Ругање со Христос“ е втор обид за цензура во културата во самостојна Македонија


Судијката Сузана Дончевска вчера го прифати барањето на Небојша Јовановиќ од здружението „Арт синема“ за повлекување на времената мерка од 30 дена за забрана на филмот „Ругање со Христос“.

Основниот суд Скопје 2 на вчерашното рочиште констатираше дека е повлечен предлогот за времена забрана кој беше поднесен од Министерството за култура преку Државниот правобранител со образложение дека филмот шири говор на омраза и ги навредува Албанците.

На вчерашното рочиште присутен беше Небојша Јовановиќ, организатор на фестивалот за дебитантски филм „Киненова“ и неговиот адвокат Влатко Китановски, како и претставник од Хелсиншки комитет. Немаше претставник од Министерството за култура ниту од Државното правобранителство.

Судот одлучи дека судските трошоци за ова рочиште ќе бидат на товар на Министерството за култура.

Филмот на Бојаџи синоќа се прикажуваше во Штип, а во Прилеп ќе биде прикажан до крајот на месецов.

Министерот за култура Асаф Адеми во неколку наврати го окарактеризира филмот како навредлив за Албанците и рече дека го нарушува соживотот.

Министерството и Агенцијата за филм најавија дека ова е последен пат со парите на граѓаните да се снимаат филмови кои ги навредуваат истите тие граѓани.

„Такви тенденциозни играња со историја, настани што им наштетуваат на соживотот и животот на граѓаните, финансиери на истите дела, веќе нема да најдат поддршка“, реагираа тие.

Ова е втор случај за обид за цензура во културата од осамостојувањето на Македонија. Во 2007 година тогашниот министер за култура од редовите на Демократската партија на Албанците, Илирјан Бекири, се обиде да ја цензурира претставата „Тито, сигурни дијаграми на копнежот“ во режија на Бранко Брезовец. Збраната за изведба на претставата што ја донесе Беќири беше експресно повлечена, а меѓународниот проект „Тито, сигурни дијаграми по копнежот“ премиерно беше изведен на 31 март 2007 година во Центарот за култура во Битола.

Главниот актер во претставата Петар Горко, кој го толкуваше ликот на Тито, тогаш велеше дека во својата кариера не памети обид за цензурирање на претстава.

По неуспешниот обид за цензура на Бекири, тој си поднесе оставка од функцијата министер за култура, а на негово место дојде Арифхикмет Џемаили, исто така од ДПА.

Ивана Настеска