РПЦ: Цариградската патријаршија стана расколничка црква


Цариградската патријаршија и самата стана расколничка, со тоа што ја укина анатемата за претставниците на двете „расколнички цркви“ во Украина, изјави денеска поглаварот на Руската православна црква (РПЦ), патријархот москвски и серуски Кирил.

Според него, со ваквата постапка Цариградската патријаршија ја нарушила јурисдикцијата на РПЦ

– Цариградската патријаршија се поистовети со расколниците. Таа ги прекрши сите канонски правила и ја наруши нашата јурисдикција со укинувањето на анатемата. Тој што се поистоветува со расколниците, значи дека и самиот станал расколник, нагласи патријархот Кирил.

Цариградската партијаршија минатиот четврток соопшти дека почнала процес за давање независност на црквата во Украина од РПЦ. Патријаршијата реши да ја укине одлуката од 1686 година, со која Киевската митрополија е дадена под јурисдикција на Московската патријаршија. Со укинување на таа одлука Цариградската патријаршија смета дека полага право на црквата во Украина.

Како реакција на ваквата одлука на Цариградската патријаршија, Светиот синод на РПЦ во понеделникот донесе одлука за целосен прекин на евхаристичката комуникација со Цариградската патријаршија.

Патријархот Кирил денеска нагласи дека „апсолутно мнозинство од православните хриситјани“ ја поддржуваат одлуката на РПЦ.

Во Украина функционираат три православни цркви – Укринската православна црква – Москвска патријаршија, која е под јурисдикција на РПЦ, како и Укринската православна црква – Киевска патријаршија и  Укринската автокефална православна црква, кои Москва ги смета за расколнички.

Во меѓу време, руските медиуми јавија дека раководителот на Одделот за надворешни црковни врски на РПЦ, митрополитот волоколамски Иларион денеска отпатувал во Ватикан на „разговор во четири очи“ со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско.