Рочиштето за Космос одложено за 4 мај, се чека одлука од Врховен суд за изземање на судиите
Во Кривичниот суд во Скопје предмалку почна и веднаш се прекина новото рочиште од предметот на СЈО „ТНТ“. Причина за новото одложување на расправата, според судијата Огнен Ставрев, е што се уште нема одлука за изземање на судиите, побарано од одбраната на обвинетите Никола Груевски, Миле Јанакиески и Тони Трајковски.
Новото рочиште е закажано за 4 мај, во 11 часот.
Одбраната на минатото рочиште побара изземање на судечкиот совет, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и в.д. претседателот на Апелацискиот суд Лидија Димчевска. По барањата на одбраната одлучува Врховниот суд на РМ.
Барањето, како што образложија адвокатите, е поради тоа што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дала изјава на национална телевизија дека има судии кои постапуваат по предмети на СЈО, а биле прислушувани.
На денешниот претрес во судот беа присутни обвинетите Груевски, Јанакиески и Трајковски, како и оштетениот Фиат Цаноски.
Случајот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Фијат Цаноски, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.
Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари.
Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.