Роналдо сака да добива едно евро повеќе од Меси


Ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо продолжува да настојува за зголемување на својата плата и очекува клубот да му понуди подобрени услови во новиот договор.

Португалскиот фудбалер сака неговата плата да биде повисока од онаа на Лионел Меси во Барселона, дури и да е само за едно евро, тврди „Ел Паис“.

Причината за ова е ставот на Роналдо дека тој е најдобар во светот.

Носителот на пет „Златни топки“ го поддржува своето тврдење со тоа што е прогласен за најдобар од „Франс фудбал“, ФИФА и останатите фудбалери кои гласаат за него поради неговите голови и освоени трофеи.

Кристијано сака, покрај значителното зголемување на неговата плата, во новиот договор да се вклучат бонусите за неговите индивидуални и тимски награди, голови, рекорди итн.

Роналдо нема да го продолжи договорот ако не го добие посакуваното зголемување на платата.

Во моментов, Кристијано Роналдо е на трето место по големината на плата во светот со 30 милиони евра годишно. Пред него се само Лео Меси, откако со новиот договор Аргентинецот прибира 40 милиони евра годишно, како и Нејмар, кој добива 36,4 милиони евра за 12 месеци во ПСЖ.