Романија – лидерот на корупцијата во ЕУ


Секој што мисли дека Романија е во опасност да стане посед на Ливиу Драгнеа, нејзиниот најмоќен политичар, ќе најде многу работи во неговиот роден град Александрија за да го потврди својот став. Извонредната вила на Драгнеа, со тениско игралиште и базен, се наоѓа близу центарот на градот, кој е престолнина на еден од најсиромашните региони во Романија.

Неколку блока подалеку е седиштето на окружната агенција за социјална заштита, која некогаш беше предводена од поранешната сопруга на Драгнеа, Бомбоника: Драгнеа беше осуден во јуни на три и пол години затвор поради злоупотреба на функцијата шеф на окружниот совет да обезбеди работни места во агенцијата за двајца вработени во неговата Социјалдемократска партија (ПСД). Тој поднесе жалба на оваа одлука.

Низ градот во необележан комплекс е фирмата за изградба на патишта „Тел драм“. Обвинителите тврдат дека Драгнеа се збогатил преку „Тел драм“, како и неговото семејство и групата локални бизнисмени. Тие тврдат дека дел од измамата е зголемената должина на патот што го изградила компанијата. Олаф, агенција за ревизија на ЕУ, соопшти дека маркерите од еден километар биле распоредени на 800 метри. Драгнеа ги негира тврдењата.

„Тие мислат дека се непобедливи“, вели Кармен Думитреску, новинарка од Александрија, која поминала повеќе години во истражувањето на Драгнеа и „Тел драм“. Романија оваа недела го започна своето прво шестмесечно претседателство со ЕУ – пресвртница во посткомунистичката транзиција на земјата и ретка можност да ги прикаже своите достигнувања и амбиции во рамките на Унијата. Но во центарот на вниманието на ЕУ, исто така, ќе биде изложена непроѕирната структура на власта во Романија. Скараното водство и сеприсутната корупција ќе бидат под надзор повеќе од кога било, откако земјата му се приклучи на блокот пред 12 години. Драгнеа, водач на владејачката ПСД, не може да биде премиер поради кривична пресуда за изборна измама, но неговите критичари велат дека тој ја контролира владата и има огромно влијание за да се обиде да се заштити себеси и членовите на политичката класа од антикорупциските обвинители.

Минатиот месец Драгнеа повторно ја повика премиерката Виорика Данчила, која се смета за негова продолжена рака и трет премиер откако владата предводена од ПСД ја презеде власта во 2017 година, да ги донесе контроверзните судски промени кои ќе ја декриминализираат корупцијата. „Зошто зборовите како ‘амнестија’ и ‘помилување’ се богохулство?“, изјави Драгнеа на партиски состанок. Тој ги повика своите пратеници да го отповикаат претседателот Клаус Јоханис, кој се противи на повлекување на антикорупциските мерки, за предавство. Како шеф на централнолевичарската партија, Драгнеа нема добро формирана агенда за реформирање на економијата или општеството. „Драгнеа е првиот (романски) лидер без каква било идеологија“, вели политичкиот аналитичар Кристијан Тудор Попеску. „’Д’ од ПСД не е за да стои демократски, туку за Драгнеа“.

Драгнеа ја започна својата политичка кариера во 1996 година како префект, или владин претставник, во округот Телеорман. Тој беше шеф на окружниот совет 12 години. Беше избран во парламентот во 2012 година и стана заменик-премиер во времето на Виктор Понта. Тој застана чело на партијата откако Понта беше принуден да поднесе оставка по пожарот во ноќен клуб во Букурешт во 2015 година, во кој загинаа 64 лица и кои ја симболизираа ендемичната корупција.

Драгнеа ја предводеше својата партија до победа на националните избори во 2016 година и стана претседател на долниот дом на парламентот. Истата недела беше обвинет за злоупотреба на функцијата. Неколку недели подоцна, неговите чекори за декриминализација на корупцијата ги поттикнаа најголемите улични протести во Романија по падот на комунизмот. Сепак, парламентот ги ревидираше законите за правда, давајќи ѝ на владата поголема контрола врз назначувањето и отстранувањето на судиите. Промените на кривичниот законик подоцна беа укинати од страна на Уставниот суд.

Во јули минатата година Лаура Кодрута Ковеси, шеф на Националната дирекција за борба против корупцијата, беше истерана од нејзината работа. „Романија никогаш не била повеќе корумпирана отколку што е во 2018 година. Бидејќи сега корупцијата е институционализирана“, рече Понта, кој формираше соперничка партија. Популарноста на Драгнеа се намали уште повеќе откако на крајот од октомври во селото Телеоран се појави куфер со хард-дискови, телефон и таблети со документи и слики, кои наводно го покажуваат Драгнеа на лов со лидерите на „Тел драм“ и други моќни претпријатија. „Тој е најмалку популарен партиски лидер досега“, вели Понта. „Тој нема народна база на гласачи“. Наместо тоа, Драгнеа се потпира на мрежа на „партиски барони“, локални администратори и бизнисмени за да ја држат власта нагласува Понта. Портпаролот на Драгнеа не одговори на барањата за интервју, но поддржувачите велат дека обвиненијата против лидерот на партијата и другите членови претставуваат политички прогон. „Правдата се покажа како партиска“, вели Јон Флореа, градоначалник на ПСД на Грација и поранешен соученик.

Кодрин Стефанеску, генерален секретар на ПСД, се пожали на телевизија во ноември: „85 отсто од окружните раководствата и националното раководство“, вклучувајќи 1.183 градоначалници и окружни и општински советници, главно од ПСД, се под истрага. Романските обвинители спроведуваат неколку истраги за финансиите на Драгнеа. Обвинителите во Бразил минатата година изјавија дека истражуваат дали тој, наводно, користел илегално прибавени пари да купи куќи за одмор преку посредници. Кога Романија влезе во ЕУ, Брисел воспостави посебен механизам за мониторинг за да покаже напредок во борбата против митото. Брисел во ноември го покрена алармот во врска со нападите на Букурешт врз владеењето на правото обвинувајќи го за заостанување на претходниот напредок.

Како да е инспириран од Виктор Орбан, националистичкиот премиер на Унгарија, Драгнеа и неговите сојузници одговорија на критиките со напад врз ЕУ, иако неодамнешните анкети покажаа дека 91 отсто од Романците сакаат да останат дел од блокот. „Повеќе не можам да ги прифатам сите лаги што доаѓаат од Запад кој вели дека правиме закони за сопствена корист“, рече Драгнеа во декември. Августин Лазар, кого Драгнеа се обидува да го отстрани како романски обвинител, рече дека нападите врз ЕУ и судството се резултат на „спектакуларните резултати“ на антикорупциските власти во земјата. „За луѓето погодени од законските процедури, европските вредности одеднаш не се толку популарни“.

Партијата отсекогаш била евроскептична во својата партиска реторика, но „ги кажуваше вистинските работи во Брисел и во Берлин“, вели Сорин Ионита од тинк-тенкот „Експерт форум“ од Букурешт. „Но сега тие се поттикнати од Орбан и други бидејќи видоа дека ништо не им се случило“. Во сиромаштијата на провинциската Романија, вилата на Драгнеа е споменик на културата на неказнување. Пол, 74-годишен локален жител кој одби да го даде своето презиме, се сеќава како политичарот купил парцели од соседите да добие повеќе простор за изградба на огромен дом и посебна зграда за послугата. (Фајненшел тајмс)