Родилиштата ќе се подноват со опрема од „Проект Хоуп“


Смртноста на новороденчињата и намалена со мерките што досегаа се преземаа и таквата статистика уште ќе се подобрува. Родилиштата добиваат нова опрема, докторите одат на обуки во странство, а ќе се решава и проблемот со недостиг на гинеколози. Ова го истакна министерот за здравство, Венко Филипче по денешната прес конференција со претставникот на „Проект Хоуп“, холандска невладина организација што ќе ја донира опремата.

Обезбедени се стандардни пакети опрема за гинеколошките и педијатриските оддели на Клиничката болница во Тетово и Општата болица во Куманово во вредност од над 200 илјади долари. Нова опрема ќе има и за Одделот за интензивна нега на Детска болница. До крајот на годината ќе се обезбеди и централна станица за фетален мониторинг за Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир во вредност од  70 илјади долари.

– Даваат резултат пакет мерките на Владата и Министерството за здравство за намалување на доенечката смртност. Смртноста на новороденчињата е намалена од 24,4 отсто на 17,7 отсто во првите шест месеци во однос на истиот период минатата година. Како држава имаме регионален рекорд на преживеано новороденче родено во 23-тата недела – изјави Филипче.

Јан Ван ден Берг од организацијата „Проект Хоуп“ рече дека во Македонија треба да се донесе нова опрема, да се направат тренинзи на медицинскиот кадар, организациски промени, да се подобрат процедурите, протоколите и да се мотивира персоналот да ја заврши работата.

– Веќе испративме неколку доктори во Германија и во Холандија кои учат нови процедури кои се уште не се употребуваат во Македонија. Соработуваме со Универзитетот во Бон и Амстердам. Вашите доктори имаат големо знаење, меѓутоа им недостига уште малку тренинг за да можат да ги направат сите тие процедури – рече Јан Ван ден Берг.

Уште се надвор од функција родилиштата каде нема гинеколози.

– Се користат во итни случаи матичните гинеколози кои порано работеле во тие родилишта. Направен е увид на сите родилишта во земјата, идентификувани се сите проблеми, нема значајни отстапувања освен во кадарот во некои од нив. Сега правиме анализа како тој број доктори кои недостигаат да го надополниме. Се планира прием на лекари, решение кое веднаш нема да даде резултати. Затоа во соработка со Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје се праќаат гинеколози таму каде треба во родилиштата ширум земјата – рече Филипче.