Ричард Гир по втор пат татко, неколку месеци пред 70-тиот роденден


Холивудскиот актер Ричард Гир стана татко по втор пат само неколку месеци пред неговиот 70-ти роденден. Веста дека Гир доби син со својата 36-годишна сопруга Алехандра Силва ја објави шпанскиот магазин „Hola“.
Името на новороденчето кое е родено во Њујорк се уште не е познато. Ричард Гир веќе има 18-годишен син Хомер Џејмс Џигме со поранешната сопруга Кери Лоуел, а Алехандра има шестгодишен син Алберт кој го доби со поранешниот сопруг Говиндо Фридленд.
Алехандра ја потврди својата бременост во септември лани. Веста се појави само шест месеци откако се омажи за Гир на церемонија во Шпанија.
„Јас сум најсреќен маж во вселената и како не би бил. Се оженив со убава, чувствителна, духовите жена која е посветена на помагање на другите луѓе и многу добра мајка е“, рече Гир за „Hola!“ во ексклузивно интервју по венчавката.
Двојката се запозна во 2о14 година. Алехандра е ќерка на поранешниот потпретседател на Реал Мадрид, а вели дека Ричард е херој на нејзиниот живот.
Иако до сега немаше коментари за раѓањето на децата, Гир во едно интервју за британските новинари рече дека не е загрижен што на 70 години по втор пат ќе стане татко.