Ристовски: Наш реален пласман е меѓу 5-8.место, верувам дека имаме квалитет


Македонската ракометна репрезентација од денеска и официјално ги почнува подготовките за Европското првенство во Хрватска 2018. Еден од поискусните во македонскиот табор е голманот Борко Ристовски, кој има свое видување за претстојниот настап на големиот настан.

– Ние ќе треба да се надминеме себе си и да дадеме и повеќе од она што го можеме, за да се надеваме на израмнување на оној историски резултат и петтото место од ЕП во Србија. Ние реално сме меѓу петтото и осмото место, верувам дека имаме квалитет за таков пласман. Сите посакуваме да кажеме дека Македонија заслужува медал, но реално ние не сме меѓу првите пет репрезентации во Европа. Ние играчите најмногу сакаме медал и Македонија на секој натпревар против секој ривал ќе оди на победа, изјави Ристовски.

Репрезентацијата на Македонија од денеска ќе тренира во СЦ „Борис Трајковски“, а утре треба да се приклучи и селекторот Раул Гонзалез, кој поради прослава на католичкиот Божик е во Шпанија.

На Европскиот шампионат во Хрватска, Македонија во првата фаза ќе игра во група Ц во Загреб каде за ривали ги има Словенија, Црна Гора и европскиот првак Германија.