Ристовска до Груевски: Со сила на човек можеш само да му земеш, а не можеш ништо да дадеш


Судијката Добрила Кацарска, веднаш по започнувањето на денешното рочиште за предметот на СЈО „Тенк“, даде половина час пауза по барање на одбраната на обвинетите за да ги разгледаат записниците од претходното рочиште.

Во „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.

На почетокот на рочиштето, адвокатите рекоа дека не биле известени за записниците од минатото рочиште и дека дури денеска пред судењето ги зеле заедно со две ЦД. За да ги разгледаат записниците тие од Судот побараа пауза.

Судијката Добрила Кацарска им понуди половина час пауза, како добра волја, па потоа да почнат со воведните говори. Посочи дека записниците биле изготвени на 13 февруари и оти тогаш можеле да ги земат.

– Одбраната беше должна да ги земе записниците. Тие не дојдоа да ги подигнат во рок, па судот вчера телефонски ги извести, а дури денеска пред судење адвокатот Димитар Дангов ги подигна. Затоа нема причина за пауза, но во интерес на одбраната ќе се видиме по пауза од половина час, рече Кацарска.

На тоа се побуни Никола Груевски, кој рече дека записници од 17 страни за половина час не може да се прочитаат.

Обвинителката од СЈО Ленче Ристовска рече дека одбраната знаела дека записниците се изготвени и требало да ги земат. Тоа што не ги зеле, како што истакна, е нивни пропуст.

– Се противам на барањето за пауза и сметам дека тоа го прават се со цел да се одложи главната расправа. Со сила на човек можеш само да му земеш, а не можеш ништо да дадеш, рече Ристовска.

Според обвинението на СЈО, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Возилото од Министерството требало да се даде на користење и на Груевски кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но за тоа не сакал во јавноста да се дознае.

За набавката на мерцедесот јавноста дозна од разговорите кои ги објави опозицијата.

Апелацискиот суд Скопје, како што објави МИА, на 8 ноември минатата година одлучи прислушуваните разговори за набавката на мерцедесот да бидат доказ во судењето за случајот „Тенк“.