Рецензија: „Веном“
И без да знае многу за социјалните науки, обичниот гледач чувствува дека ги разбира. Значи во случајов – му е и тоа како јасно дека многу работи кои во современото време се случуваат, така да се каже, пред нос, се невидливи. Но на еден специфичен начин. Односно нив ги забележуваат многумина, но за нив не смеат да зборуваат. Оваа ситуација е „масло“ на новите технологии кои прават сè да стане многу бргу достапно, за по истиот ред на нештата истата таа отворена зона биде прогласена за недостапна. Современите демократии како столб-носител ја имаат транспарентноста. Со ова се наметнува и веројатно најпровокативното прашање – дали има некаква гаранција дека она што е очигледно ќе биде и интелектуално обработено, односно прогласено за добро или лошо, напредно или назадно? И овој филм ја отвора таа дилема – дека (како што нагласуваат академиците од најугледните универзитети) прашањето што е приватно или јавно останува како најконтроверзен дел од современите економии. Значи ли дека доколку еден бизнис е сосема реализиран со приватни инвестиции сите опасности поврзани со него би требало да се сметаат за приватни проблеми? Што доколку еден приватен бизнис изроди сериозни хуманитарни проблеми кои ја нарушуваат општата безбедност? Што доколку еден истражувачки комплекс кој речиси се наоѓа во центарот на некој голем град во своите простории прави монструозни експерименти со луѓе, па дури и убиства? Значи ли тоа дека овие приватни капацитети се простор каде што законите на современата цивилизација не важат?
Односно за филмов многу е интересно да се читаат коментарите на интернет и разликите што постојат во однос на Америка и Стариот Континент. Американците сериозно се фаќаат во коштец со овие проблеми, им веруваат на медиумите (па и на филмовите) и се на мислење дека единствен начин да се совлада еден проблем е истиот да се сотре во зародиш. Додека пак Европејците не веруваат во тоа дека институтите, универзитетите, истражувачките центри итн. би можеле да се претворат во некакви современи концентрациони логори. Иако има многу индикации за ова, во Европа се верува дека постоечките држави имаат доволно силни системи самите да се изборат со ова, затоа не им требал бреинсторминг од модерните медиуми. Јас како пример само би потсетил на еден случај кога наш студент во Данска се согласи да прима радиоактивни инјекции за извесен паричен надомест. Затоа сценаристички сосема правилно е формулирано во филмот дека ваквите атавизми се внесуваат во Новиот свет преку канали кои се блиски на стариот мајндсет, а за кои тој нов свет со сета своја наивност нема развиено доволна резистентност. Односно ова особено успешно е обработен и сегментот на медиумите каде претерано се инсистира на материјални докази, а се пренебрегнува нешто што е очигледно. Значи иако е голем хит, оваа продукција е сепак нешто што се нарекува продукт на новото време. Кој го користи фактот дека како резултат на поевтинувањето на знаењето од новите технологии, денешниот просечен гледач очекува многу поголем интелектуален напор за разлика од порано. Па така, испегланоста на визуелната текстура е ставена во втор план односно убедливоста. Главниот лик го толкува Том Харди кој ни најмалку не се труди да биде шармантен, па дури ни допадлив. Изгледа пропаднато како ликот кој го толкува- обесправен новинар, но затоа е многу уверлив. Во насока на веродостојноста е и Мишел Вилијамс која е во процутот на својата кариера. Таа не толкува некаква херојска, речиси мажествена прудентност (како што тоа беше случај со женските ликови кон крајот на 20 век) туку едноставно една панична жена. И тоа во многу инвентивното сценарио според стриповите „Марвел“, каде што гласот однатре има два гласа – на доброто и злото.
Игор Поп-Трајков