Референдумот ќе ја отслика и ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски ќе одлучува до последен миг


Раководството на ВМРО-ДПМНЕ, според партиски извори, е во постојани консултации со членството и со експерти околу настапот на партијата во текот на референдумската кампања. Сепак, во наредните десетина дена не се очекува опозициската партија да излезе со конкретен став околу тоа каква порака ќе им испрати на своите поддржувачи околу (не)учеството на референдумот. Одлуката за тоа, според нашите информации, би била донесена на седници на највисоките партиски тела, веројатно, во последната декада од овој месец, а можеби пред самиот старт на официјалната кампања.
Како една од причините за одолговлекувањето на одлуката се посочува тоа што голем дел од раководството е на летување во овој период, и покрај првичните најави дека овој август ќе биде работен за партискиот врв. Од друга страна, во партијата се преземаат пошироки консултации со оглед на тоа што партиското членство е поделено во повеќе струи околу тоа дали треба да се излезе на референдумот и како би требало да се гласа во однос на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“. Партискиот врв, пак, како што се посочува е соочен со силен дипломатски притисок да придонесе за постигнување на референдумскиот цензус.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат официјално дека не ја одолговлекуваат тие одлуката околу настапот на референдумот, туку дека, како што велат, таква перцепција создаваат социјалдемократите на кои им се брза.
– Оној што непринципиелно се однесува е СДСМ кој, како и договорот, и референдумското прашање го состави на своја рака, самоволно и без консултации со опозицијата, не прифаќајќи аргументи, покажувајќи неспремност за дијалог и за консензус за едно вака значајно прашање за граѓаните. Оној на кој му се брза во моментов е СДСМ, кој создаде очекувања со договорот, а во реалноста ја турка државата во слепа улица. ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија, која ги влече внимателно своите чекори и анализира водејќи се од интересот на граѓаните. Во периодот што следува, во наредните неколку недели, ќе расправаме за ова прашање и ќе се консултираме со граѓаните и членовите, со партиските органи и со партиските тела по што ќе биде известена јавноста – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во интервју за „Канал 5“ посочува дека партијата до 10 септември ќе се изјасни дали ќе го бојкотира референдумот
(Не)учеството на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ на претстојниот референдум, според проценките, ќе биде еден од одлучувачките фактори за постигнување на цензусот од над 50 проценти излезеност, за по завршувањето на гласањето да се избегнат различни толкувања околу успешноста на изјаснувањето. Од друга страна, претстојниот референдум, според внатрепартиски проценки, ќе го отслика и влијанието на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ во базата, девет месеци по смената на партиското кормило и речиси една година по последниот изборен циклус – локалните избори во 2017 година.
Стравувањата дека референдумот може да покаже дека тимот на Христијан Мицкоски не ја презел досега во свои раце контролата врз партијата и дека конците ги влече сè уште старата клика околу Никола Груевски, според проценките, се уште една од причините поради кои опозицискиот врв ја одложува одлуката околу својот став за претстојниот референдум. Како што се оценува, ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори, а први по една деценија што партијата ги истрча како опозиција, покажаа дека стабилното гласачко тело на десничарската партија изнесува само нешто повеќе од 300 илјади гласачи. Во ситуација, пак, кога поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се поделени по повеќе линии во однос на договорот за името и членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, што се забележува и во спротивставените настапи во јавноста на партиските функционери, математиката укажува дека максимумот што би можел да го „изнесе“ Мицкоски на гласачките места на 30 септември тешко дека може позначително да ја надмине бројката од 150 илјади, евентуално до 200 илјади гласачи. Сепак, како што се проценува во политички кругови, и таа бројка е значајна за постигнување или барем за стигнување до границата на потребниот цензус, чие исполнување не е императив откако претстојното изјаснување е карактеризирано како консултативно. Од друга страна, што поголема излезеност на 30 септември би значела и што поголем легитимитет за договорот за името, особено ако се има предвид дека неговото спроведување треба да продолжи во парламентот, каде што повторно ќе биде потребна одредена логистика од опозицијата за постигнување на потребното двотретинско мнозинство за уставни измени.
Проценките се дека дел од старите структури во партијата, кои се блиски до претходното раководство, ќе останат на ставот на бојкот, а како навестување за тоа се смета кампањата што веќе се води преку социјалните мрежи во таква насока, а во која се вклучени и дел поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но и актуелни локални челници на партијата. Од друга страна, добар дел од новите сили во партијата, посебно т.н. реформска струја, се залагаат за учество на ВМРО-ДПМНЕ на референдумот, па дури за гласање „да“ на референдумското прашање кое го истакнува договорот за името како услов за влез на земјата во ЕУ и во НАТО.
Костадин Богданов, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во вчерашната колумна за „Независен весник“ отворено повикува на учество на референдумот. Според него, станува збор за одлука која може да суштински да ја пренасочи иднината на државата во еден или во друг правец.
– Прашањето и тоа како заслужува одговор директно од суверенот – граѓаните. Затоа, не смееме да ја избегнеме личната одговорност во овие клучни моменти и да се затскриваме зад бојкотот. Не смееме да се откажеме од нашето лично право на самоодлучување за иднината и судбината на државата – оценува Богданов.
Првичната најава на Мицкоски, уште кога беше постигнат договорот со Грција, беше дека ќе повика на гласање „против“ (или спротивно на владејачката гарнитура) на референдумот кој тогаш беше само во најава. Поради повеќето фракции во ВМРО-ДПМНЕ, особено во однос на плебисцитарното изјаснување, не се исклучува можност партискиот врв да го повика членството на 30 септември да постапи по сопствено убедување.
Александра М. Митевска